Истрагата за пребегнувањето на Ива Михајлова од Кочани во Бугарија е сè уште активна. Во овој момент немаме информации што би можеле да ги споделиме со јавноста. Кога ќе ја затвориме, јавноста ќе биде информирана за сè што сработило Министерството за внатрешни работи – изјави денеска министерот Панче Тошковски.
Прашан за коментар за заштитничкиот однос од страна на Бугарија, каде што официјални лица изјавија дека нема да ја бараат, ниту да ја екстрадираат Михајлова, министерот рече дека жали што Бугарија станува заштитник на осомничени и осудени криминалци.
– Навистина жалам што Бугарија станува заштитник на осомничени и осудени криминалци. Навистина жалам, тоа не ѝ прилега на една земја членка на Европската Унија и се надевам дека во иднина ќе го коригираат својот однос во насока на вистинско имплементирање и почитување на европските вредности, затоа што заштита на криминал и заштита на луѓе што се сомничат за криминал не ѝ прилега на една европска демократска држава – рече Тошковски одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026 – 2030.
Ива Михајлова, која има и бугарско државјанство, пребега во Бугарија на 11 октомври и по неа е распишната меѓународна потерница. Во Македонија е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.
Таа имаше судска забрана за напуштање на државата и МВР, по нејзиното бегство, соопшти дека нема евидентиран излез од Македонија, ниту влез во Бугарија, односно дека границата ја преминала нелегално.
Во Бугарија се крие и таткото на Ивана, Симеон Михајлов, правосилно осуден на 12,5 години затвор за обид за убиство, по кого исто така има распишано меѓународна потерница.

