Комисијата за социјална политика, демографија и млади и Законодавно-правната комисија денеска во прво читање расправаа и ги проследија во натамошно читање предлог законите за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување кои предвидуваат воспоставување три вида на портфолија: растечко, балансирано и конзервативно портфолио – кои претставуваат посебни делови на фондовите и се разликуваат согласно нивото на инвестиционен ризик и структурата на вложувања. Тие ќе зависат и ќе се применуваат согласно возраста на осигурениците, членови во овие фондови.
– Суштинската измена на самите закони се однесува на отворање на можноста пензиските друштва, кои што го менаџираат овој систем, да имаат можност по портфолија во три категории да направат инвестиции. Денеска за жал по сите анализи коишто ги направија релевантните чинители пензиите на оние коишто излегуваат како први пензионери после 20 години од примената на овој пензиски систем се недоволни, односно процентот на принос на нивните средства кои ги вложувале во фондовите е мал споредено со процентот на инфлациите во овој период од 20 години, појасни на Законодавно-правната комисија министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.
Поради тоа, нагласи тој, Министерството го предлага ова како можност да се стабилизира делот на приносот на оние коишто се уште се осигуреници во самиот систем.

-Тоа се портфолија по категории на години коишто треба да ги опфатат законите, односно до 45 години, онаа ризична категорија на таканаречените млади работници кои се во системот, нивните заштеди да бидат вложени во поризични портфолија на пазарот на финансиските трансакции. Потоа помеѓу 45 и 57 години, кои се средната категорија, и нивните средства да бидат вложувани во некои средни не толку ризични инвестиции. Последната категорија е 57 години плус, односно до нивното понзионирење на 62 до 64 години и таму согласно постоечките закони да биде сегашниот модел да нема никаков ризик во однос на нивните приноси бидејќи се многу блиску до остварување на старосната пензија – рече министерот Велковски.
Додаде дека со ова се отвора можност, како и во многу други земји, овие друштва имаат поголеми можности да ги менаџираат приносите на идните пензионери.
Утврдувањето на видот на портфолио, според предлозите се врши во зависност од возраста на членовите на задолжителните пензиски фондови во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.
– Со воведување на повеќе инвестициски портфолија со различно ниво на ризичност се овозможува обезбедување поголем очекуван принос за помладите членови на задолжителните пензиски фондови преку повисоко ризични портфолија, зголемување на стабилноста за членовите кои се приближуваат кон пензија преку преминување во балансирани портфолија кои комбинираат принос и умерена заштита од пазарни флуктуации – се вели во образложението на предлог законите.
Со нивното усвојување се очекува намалување на ризичноста со приближување кон пензионирање, со цел заштита на досега акумулираните средства преку конзервативни стратегии на инвестирање и минимизирање на можните пазарни шокови во завршната фаза од членството.
Од Министерството за социјална полтикика, демографија и млади појаснуваат дека предложените законски измени се изготвени врз основа на анализа на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС. На основа на оваа анализа, предлог решенијата за изменување на законската регулатива заради воведување на повеќе инвестициони портфолија изготвени се од работна група, која е формирана врз основа на Заклучокот на Владата од 68-та седница одржана на 22 април 2025 година. Работната група била составена од претставници од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија – ФПИОСМ.

На седницата на овие две комисии беше разгледан и даден на натамошно читање Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за семејството, чија цел е уредување на пристапот до податоците и списите на предметите за посвојување, преку воспоставување механизам за остварување на правото на полнолетниот посвоеник на увид во списите на предметот за неговото посвојување.
Со Предлог законот се уредуваат и постапувањето и одлучувањето по барањата за пристап, пристапот до податоци од медицински причини поврзани со здравјето на малолетниот посвоеник, како и пристапот на крвните сродници на
полнолетниот посвоеник под условите утврдени со закон.
Пратеничката Весна Бендевска од ЗНАМ, која е една од подносителите на законот, на седницата на Законодавно правната комсијата истакна дека на матичната Комисија за социјална политика, демографија и млади е донесена одлука да се организира една широка јавна расправа во која ќе бидат вклучени и стручни лица кои ќе ни дадат точен правец во кој обем и дали е потребна измана на овој закон.

