Билатералните спорови не треба да бидат пречка за напредокот на Македонија кон Европската Унија, а искуството на Хрватска во односите со Црна Гора треба да послужи како пример за надминување на блокадите во процесот на проширување – порачаа денеска градоначалникот на град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на хрватската општина Пировац и копретседавач на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ, Иван Гулам.
По 26. состанок на Заедничкиот консултативен комитет, на кој се разговараше за улогата на локалната власт во процесот на пристапување на земјата во ЕУ, градоначалникот на град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски, оцени дека повеќегодишните блокади го попречуваат развојот на државата и ги лишуваат граѓаните од придобивките што ги користат жителите на земјите членки, како што е пристапот до европските фондови.
– Денеска, се одржува 26. седница на Заедничкиот консултативен комитет меѓу нашата држава и Европската Унија, на која учествуваат и претставници на општините од земјите членки. Наша задача како локални самоуправи е да ја доближиме Европската Унија до граѓаните. Тоа значи да им овозможиме да живеат во слични или исти услови како граѓаните во земјите членки на ЕУ и нивните општини, да имаат уредени градинки, училишта, патна и подземна инфраструктура во согласност со стандардите што ги имаат нашите европски пријатели – рече Ѓорѓиевски.
Посочи дека реформите не треба да се спроведуваат само на централно ниво, туку и во општините, кои имаат непосредна одговорност за условите во кои живеат граѓаните. Осврнувајќи се на повеќедецениските блокади на европскиот пат, Ѓорѓиевски апелира хрватскиот позитивен пристап кон Црна Гора да се преслика и во спорот со Бугарија.
– Упатувам апел примерот и практиката што Хрватска ги воспостави во односите со Црна Гора да се применат и во случајот со нашата држава Македонија. Историјата треба да им ја оставиме на историчарите, а ние како политичари треба исклучиво да се занимаваме со реформите и напредокот на нашата држава – посочи Ѓорѓиевски.

Прашан дали Град Скопје и општините се институционално и кадровски подготвени за предизвикот што го носи титулата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“, Ѓорѓиевски соопшти дека средствата од Владата и од Градот се префрлени на сметката на Фондацијата и најави реконструкција на повеќе значајни објекти, меѓу кои Универзалната сала, скопското Кале, акведуктот и старата пошта.
– Титулата европска престолнина на културата треба да ја гледаме од два аспекта – првиот е добро да се претставиме и вториот аспект е наследството што треба да произлезе од целиот процес. Овој процес не го реализираме сами, нашите тимови постојано комуницираат со градоначалниците на градовите, кои веќе имаат такво искуство. Веќе ги имаме утврдено локациите што ќе бидат сцени за разни настани. Универзалната сала се гради, рокот за завршување на работите е крајот на следната година. Од друга страна, ја имаме скопската тврдина (Калето), како и акведуктот, кој повеќе од 30 години е запоставен и се наоѓа во незавидна состојба… Старата пошта е една од локациите на кои се планира организирање настапи. Тука е и кејот, кој во целост ќе биде вклучен во програмата бидејќи во текот на 365 дена ќе се одржуваат разни настапи и настани – истакна Ѓорѓиевски.

Копретседавачот од Хрватска, Иван Гулам, истакна дека иднината на државата е во Европската Унија нагласувајќи дека билатералните прашања не смее да бидат пречка за евроинтегративниот процес. Тој потсети на искуството на Хрватска како последна примена членка на Унијата посочувајќи дека земјата поминала долг и тежок преговарачки пат.
– Како што повеќепати истакнавме во денешната дискусија, билатералните прашања не смее трајно да го блокираат процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија – порача Гулам.
Додаде дека реформите се неопходни за подобар квалитет на живот на граѓаните, а не само како барање од Брисел.
– Би сакал да ви порачам да останете истрајни на патот на реформите. Не затоа што тоа го бара Брисел, туку затоа што реформите на долг рок сигурно ќе им донесат многу придобивки и подобар квалитет на живот на граѓаните на Република Северна Македонија – нагласи Гулам.
Одговарајќи на новинарско прашање за билатералните спорови и практиката од преговорите меѓу Хрватска и Црна Гора, Гулам оцени дека таквиот модел може да биде лекција и за надминување на спорот со Бугарија. Тој појасни дека Хрватска и со Словенија ги надминала отворените теми со нивно оставање настрана, без да се блокира зачленувањето во ЕУ.
– Во преговорите со Црна Гора, Република Хрватска зазеде став дека билатералните спорови треба да се решаваат, но дека не треба да се блокира процесот на пристапување. Сакаме да ги решиме прашањата што произлегуваат од минатото, но не сакаме да ја менуваме туѓата историја. Не сакаме да заземеме позиција според која, доколку не се исполнат условите што ги поставува Република Хрватска, нема да има членство во Европската Унија – истакна Гулам.

