Губењето на меморијата, контролата врз движењето и промените во однесувањето се дел од секојдневието на илјадници пациенти со Алцхајмерова и Паркинсонова болест. Бројот на лица со деменција во Македонија расте со голема брзина. Заболени од Алцхајмерова болест има околу 24 илјади пациенти, а 5 илјади со Паркинсонова. Здравствените власти најавуваат воведување на нови методи во лекувањето, со стручна поддршка од Словенија.
„Средствата ги имаме веќе, само треба да направиме тимови, мултидисциплинарни за да можеме оваа метода да ја започнеме кај нас. Навистина сум оптимист дека до наредната 2027 година ќе започнеме со првиот пациент, со огромна поддршка на Клиничкиот центар Љубљана.“, вели Јован Божиновски, директор на неврологија.
Една од методите што се планира да се воведе е длабоката мозочна стимулација за пациентите со Паркинсонова болест. Станува збор за хируршка интервенција при која во мозокот се вградуваат електроди и помагаат во контролирањето на симптомите. Во Словенија овој третман се применува самостојно веќе 15 години. Паралелно, се подготвува терен и за современи биолошки лекови протв Алцхајмеровата болест со кои може да се забави напредувањето на болеста кај одредени пациенти.
„Пациетите добиваат практично можност за нов живот со длабока мозочна стимулација. Значи квалитетот на животот во напредната фаза на паркинсонова болест е толку влошен да не можат да ги извршуваат нормалните активности во секојдневниот живот. Со длабока мозочна стимулација состојбата се враќа барем 10 години назад.“, изјави Дејан Георгиев, неврохирург, Клинички центар Љубљана .
Проблемот не е само процедурата, туку и понатамошното следење и присопсобување на терапијата. Потребни е соодветна инфраструктура, обучени медицински тимови и финансиски средства, а според најавите, Македонија е веќе подготвена и се очекува во 2027 година да се започне со спровеудвање на операциите и третманите.
„Моите сознанија се дека Клиниката за неврохирургија Скопје е технички подготвена за ваков тип на интервенции, односно апаратурата што е потребна за ваков тип лекување е достапна, а сега ја имаме и поддршката од Клиничкиот центар во Љубљана да го пренсе своето повеќегодишно искуство.“, вели Сашо Клековски, министер за здравство.
Досега макеонските пациенти за вакви интервенции најчесто заминуваат во странство, особено во Турција. Во иминатите две години повеќе од 10 пациенти се испратени на лекување надвор од држават на сметка на фондот за здравство, а во моментот уште двајца се во процедура. Со воведувањето на овие современи методи, македонските пациенти ќе го добијат потребното лекување дома.

