Седницата на Комисијата за финансирање и буџет ќе продолжи по еден час пауза поради разгледување на предлогот – дневниот ред да биде дополнет со иницијатива за надзорна расправа за причините на воведувањето администрација во Алта банка АД Битола.
Предлогот за дополнување на дневниот ред е на претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска.

Според неа, обврска на членовите и замениците членови на Комисијата е да побараат надзорна расправа за причините на воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност за измамата на граѓаните.
– Приоритет во оваа ситуација, при ваква состојба во банкарскиот систем треба да биде надзорната улога на Собранието за спроведување на Уставот и законите и ние во овој момент како членови на Комисијата за финансирање и буџет сме најповикани. Преку ова барање сакаме да добиеме одговори од најповиканиот, гувернерот Тајко Славевски, кој деновиве не убедуваше дека сè е во ред, но вчера на прес-конференција донесе привремена мерка, односно администрација во Алта банка за заштита на банката и на штедачите од промена на сопственоста. Денес читаме дека и Алта банка АД Битола е ставена на листата за набљудување кај македонската берза, истакна Лукаревска, пратеничка од СДСМ.
Пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ, Бојан Стојаноски побара пауза со цел да бидат разгледани материјалите за иницијативата.
– Намерата е во ред. Ние секако сакаме да се расветлат сите случаи. Никој не е против некој да биде соочен со фактите и со аргументите. Секако сите треба да бидат сослушани, тоа е нашето начело на транспарентност. Само сметам дека е колегијално барем да ја прочитаме за потоа да се произнесеме, рече Стојаноски.
На дневен ред на 84. седница на Комисијата за финансирање и буџет се предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост во второ читање, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Фондот за осигурување на депозити и предлог на Закон за семејна и станбена поддршка, двата во прво читање.

