Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро ги отфрла обвинувањата на СДСМ дека се обидела да забрани емитување во медиумите на прес-конференцијата на Венко Филипче за време на изборниот молк. Ваквите обвинувања се неосновани и претставуваат обид законското постапување на Агенцијата да се прикаже како цензура, иако станува збор за редовно потсетување на законските обврски.
Изборниот законик јасно ги утврдува ограничувањата што важат за време на изборниот молк, меѓу кои и забраната за емитување изјави од претставници на политички партии (член 76-б став 3 од Изборниот законик). Законите важат подеднакво за сите и сите, без исклучок, се должни да ги почитуваат законските обврски.
Документот што Венко Филипче го нарекува „некакво писмо“ е официјален допис – „Потсетување за изборниот молк за предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница“. Агенцијата го достави по електронска пошта до националните медиуми и до медиумите чија програма може да се следи на територијата на Општина Брвеница, со јасна цел: да ги потсети на правилата и обврските утврдени со Изборниот законик. Овој допис не претставува ниту забрана, ниту цензура, ниту обид за ограничување на правото на информирање. Претставува исполнување на законските надлежности на Агенцијата, кои не можат да се изедначуваат со цензура само затоа што некому политички не му одговараат.
Потсетувањето за изборниот молк во првиот круг беше доставено на 15 октомври 2026 година, веднаш по 13 часот, додека потсетувањето за вториот круг беше доставено на 29 октомври во 15 часот и 17 минути. Двата дописа се јавно објавени на веб-страницата на Агенцијата и недвосмислено покажуваат дека станува збор за редовна институционална практика која претставува превентивно постапување во функција на законитоста и заштитата на интегритетот на изборниот процес.
Крајно неодговорно и неприфатливо е политичка партија и тоа најголемата опозициска партија, да организира прес-конференција за време на изборен молк. Со ваквото постапување, медиумите се доведуваат во ситуација да се соочат со дилема дали да го прекршaт Изборниот законик. Ниту една политичка партија не смее да очекува дека нејзините политички интереси ќе бидат над законските правила.
Агенцијата цврсто се залага за слободата на медиумите и слободата на изразување, но тие не смеат да бидат оправдување за игнорирање на законските обврски, ниту законското постапување на регулаторот да се прикажува како цензура за дневнополитички цели. Агенцијата ќе продолжи да постапува независно и професионално, исклучиво во рамките на своите законски надлежности, без селективност, исклучоци и подлегнување на политички притисоци и манипулации.

