Во рамки на институционалниот отчет за две години работа и одговорност во институциите, Лилјана Којиќ, директор на ЈЗУ Поликлиника „Железара“, ги презентираше резултатите од досегашното работење и процесот на модернизација на установата, се вели во соопштението од ЗНАМ.
Кога во ноември 2024 година го презедовме раководењето, Поликлиниката се соочи со недостиг на медицински кадар, застарена и несервисирана опрема и потреба од подобрување на условите за работа. Во изминатиот период започнаа конкретни промени во кадровското екипирање, модернизацијата на медицинската опрема и унапредувањето на здравствените услуги.
Обезбедени се нови работни места за лаборант, медицински сестри, административен кадар и тројца лекари, од кои двајца специјалисти. Набавени се DEXA скенер, shock-wave апарат, два ЕКГ апарати, два спирометри, нов апарат за имунохемиски анализи и современа опрема за ОРЛ кабинетот.
Во тек се и дополнителни набавки за физикална медицина. Резултатите се видливи и преку обемот на здравствените услуги. Во 2025 година реализирани се 14.637 интернистички, 6.286 ОРЛ, 5.913 радиолошки, 3.918 офталмолошки и 2.870 дерматолошки прегледи, како и 16.863 лабораториски анализи.
Паралелно со зголемувањето на капацитетите, Поликлиниката одржува финансиска стабилност, без загуби и долгови кон комуналните претпријатија и другите комитенти. Буџетот е зголемен од 59 милиони денари во 2025 на 64 милиони денари во 2026 година, со редовна исплата на платите и континуирани инвестиции во развојот на установата.
„Нашата определба е здравствената заштита да биде подостапна, поквалитетна и поблиску до граѓаните. Не е доволно институциите само да функционираат – тие мора да се менуваат, да се модернизираат и да испорачуваат конкретни резултати. Секој нов апарат, секој нов здравствен работник и секоја нова услуга треба да значат поквалитетна здравствена заштита за пациентот“, истакна Којиќ.
Во следниот период развојот ќе биде насочен кон зајакнување на интернистичкиот сервис, развој на пулмологијата, кардиологијата и ендоскопската дијагностика, современ детски диспанзер и унапредување на превентивната здравствена заштита.
Од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија посочуваат дека институционалната одговорност подразбира отчетност пред граѓаните, домаќинско управување со јавните средства и мерливи резултати во институциите.
Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија!

