Проф. д-р Андреа Кулаков – универзитетски професор и истражувач во областа на компјутерските науки и вештачката интелигенција е годинашен добитник на наградата „8 Ноември“, што се доделува по повод Денот на ослободувањето на Неготино, информираа денеска од локалната самоуправа.
Наградата на Кулаков му се доделува за значајни достигнувања и откритија од областите на роботиката, деловната интелигенција, обработка на слика и звук и други подобласти на когнитивни науки и вештачката интелигенција.
– Добитници на признанија „8 Ноември“ за 2026 година се Никос Тсимас за меѓународна промоција и афирмација на општина Неготино, Фолклорниот ансамбл „Ацо Ѓорчев“ за афирмација на општина Неготино во областа на културата, Сузана Андонова за постигнување во областа на образованието, ГФК Неготино – Зоран Недев за постигнувања во областа на спортот, Ферат Рустемов за развој на параспортот и спортска инклузија на лица со оштетен вид и афирмација на општината во областа на параспортот и Јован Јовановски за млад спортист – соопштија од Општина Неготино.
Наградите на добитниците ќе им бидат врачени на свечената седница на Советот на Општина Неготино, што ќе се одржи во недела на 8 ноември, во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“, со почеток од 11 часот.

