Моменталната состојба со меѓуврсничкото насилство, односно булингот, во Македонија се оценува како високо загрижувачка. Насилството, освен што станува сè позачестено, постојано ги менува и облиците, кои преминуваат од крајно брутални до опасни по животот на младите луѓе. Со цел да се превенира овој опасен тренд, Здружението „Женско лоби“ во изминатите девет месеци го реализираше проектот „Развивање механизми за спречување на врсничкото насилство во средните училишта“, во кој беа вклучени три средни училишта од Кавадарци.
„Она што особено нè радува е тоа што учениците не беа само пасивни учесници во едукативниот дел, односно во работилниците, туку активно учествуваа и преку свои цртежи и активности, пораки, снимија видеоспот и ги споделија стекнатите знаења и пораките за намалување на меѓуврсничкото насилство. Исто така, беше реализирана и кампањата „Тука сме за тебе“, преку која беа поделени овие едукативно-информативни флаери. Според мене, најважно е тоа што создадовме услови за воспоставување училишни центри за поддршка на жртвите на насилство“, изјави Менче Николова од Здружението „Женско лоби“ од Демир Капија.
Целта на проектот е да се создаде поддржувачка и безбедна училишна средина во која младите ќе бидат мотивирани да го препознаваат насилството и, што е уште поважно, да го пријавуваат, но и навремено да побараат помош и поддршка. Во целиот овој процес беа вклучени и професорите, како и родителите, објаснуваат од Здружението.
„Врсничкото насилство е сериозен општествен проблем кој остава долготрајни последици врз правилниот емоционален и психолошки развој на младите и затоа е многу важно навреме, координирано и бескомпромисно да стапиме во борба со овој проблем, да се работи на превенцијата и на сузбивањето на оваа негативна појава“, истакна Роска Ковацалиева, училишен психолог.
Преку овој проект, кој финансиски беше поддржан од Екуменската иницијатива на жени од Хрватска, кај учениците се развиваат неопходните ненасилни комуникациски вештини, кои се темелат на толеранцијата, почитувањето и емпатијата. Инаку, во земјава, МОН, во соработка со партнерски организации, има изработено и протоколи за постапување при сите облици на меѓуврсничко насилство, а се организираат и бројни кампањи.

