Лажни вести за состојбата во студентскиот дом „Стив Наумов“. Министерката Јаневска ги повика медиумите и заедно со новинарите направи обиколка, по видеата кои беа споделувани на социјалните мрежи дека наводно прокапеле крововите, се расипале дел од радијаторите, имамо влага во собите и ѕидовите се распаѓале. Но реалната состојба при прошетката низ домот не беше таква. Барем во моментот кога новинарите и министерката беа присутни, се си функционираше. И студентите кои ги затекнавме во домот не се пожалија на големи проблеми.
Министерката со апел до семјствата на студентите да не подлегнуваат на политички дезинформации.
„Децата им живеат во убави услови, кои досега ги немало во оваа земја, и ќе продолжат во исти такви услови да живеат. Доколку имаат каква било забелешка за живеењето во домот, ние тоа ќе го поправиме.“ – рече Јаневска.
Од опозициската СДСМ утрово од пред студентскиот дом „Стив Наумов“ обвинија дека тој се распаѓа, а студентите жиеват во мизерни услови.
„Влага, прокиснати соби, нема греење, нема топла вода, а сега и пукнат бојлер! Ама затоа двојно се зголеми партиципацијата за сместување. За што плаќаат студентите 6.600 денари месечно? За дефекти во домот што требаше да биде целосно реновиран! Што добија студентите? Ништо.“- вели Стефанија Кузмановска, претседателка на СДММ.
Министерката Јаневска ги покани и нив да дојдат и заедно да се уверат во каква состојба е домот. Но ниту еден претсавник од социјалдемократската младина не дојде.
„Денес видов дека СДСМ држеше прес. Партија синоним за лицемерие која рече дека е со студентите. Еве како беше во време на СДСМ за студентите. Во овие услови живееја студентите во времето кога тие беа со студентите. Вие видовте како оваа Влада е со студентите. Имавте прилика да влезете во домот и да видите.“ – рече Јаневска.
Студентскиот дом официјално ги отвори вратите во септември оваа година по неговата темелна реконструкција .Надлежните најавија дека ќе се реконструираат вкупно 9 студентски домови низ државава, зошто студентите заслужуваат современи услови. Тоа е и дел од владината стратегија за младите да останат тука и да учат во сопствена земја.

