Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, одржа говор во Институтот за меѓународни и европски прашања (IIEA) во Даблин, посветен на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Министерот Сали, како што се наведува во соопштението од МЕП, го истакнал историското значење на Охридскиот договор за завршувањето на конфликтот во 2001 година и поставувањето на темелите за поинклузивно општество, засновано врз дијалог, еднаквост и меѓусебна почит.
Тој нагласил дека Охридскиот договор не треба да се гледа само како историски документ, туку како трајна обврска за градење институции што им служат подеднакво на сите граѓани.
-Наследството на Охридскиот договор ќе биде најсилно кога еднаквото граѓанство ќе стане вообичаено искуство во секојдневниот живот – била една од централните пораки на министерот.

Осврнувајќи се на искуството на Ирска со Договорот од Велики петок од 1998 година, министерот го истакнал значењето на политичкиот компромис, помирувањето и континуираниот дијалог за одржлив мир. Тој посочил дека, и покрај историските и уставните разлики, двата договора ја потврдуваат потребата од доверливи институции и заедничка одговорност.
Министерот ја нагласил потребата од ефективно остварување на правата, правична застапеност на заедниците, професионална администрација, функционална децентрализација и еднакви можности за младите.
Посебно внимание било посветено на европската перспектива на наѓата земја. Министерот истакнал дека владеењето на правото, заштитата од дискриминација, отчетните институции и почитувањето на различностите се истовремено принципи на Охридскиот договор и темелни вредности на европската интеграција.

Тој нагласил дека кредибилен процес на пристапување кон Европската Унија е важен за реформите, стабилноста и довербата на граѓаните во европската иднина на земјата.
Настанот, како што информираат од МЕП, продолжил со дискусија за наследството на Охридскиот рамковен договор, предизвиците во неговото спроведување и поуките од европските искуства во градењето мир.

