Во Мадрид, доцна синоќа, дојде до судири меѓу демонстрантите и шпанската полиција по смртоносната железничка несреќа во која загинаа 69 луѓе. Крајнодесничарски групи повикаа на протест пред Министерството за транспорт, барајќи оставка од Владата поради несреќата. На протестот присуствувале околу 1.500 лица, а полицијата употребила солзавец за да ја растера толпата.
Шеесет и девет лица загинаа, а околу 50 се сериозно повредени во судирот на возовите, за кој министерот за транспорт, Оскар Пуенте, вината ја насочи кон „необјаснивната“ одлука на диспечерите на железничката линија да дозволат еден од возовите да продолжи со движење и покрај дефектот на безбедносниот систем.
Судирот се случи вчера, нешто пред 9 часот наутро, во близина на Урда, на околу 130 километри јужно од Мадрид. До несреќата дошло кога воз на приватната железничка компанија „Ирио“, кој стоел во место, бил удрен одзади од воз на државната железничка компанија „Ренфе“. Два вагона од возот на „Ирио“ и еден вагон од возот на „Ренфе“ излетале од шините и завршиле во железничкиот насип.
Министерот за транспорт изјави дека истрагата ќе треба да утврди дали причина за несреќата е човечка грешка.

