Мислења за билатералните односи, поддршката на Словачка за европските интеграции на земјата, како и можностите за унапредување на парламентарната, економската, образовната и културната соработка, биле разменети на денешната средба на претседателот на Собранието, Африм Гаши со министерот за надворешни и европски работи на Словачката Република, Јурај Бланар.
Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши ја истакнал важноста на континуираниот политички дијалог и традиционално пријателските односи меѓу двете земји, изразувајќи благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Словачката Република за европските аспирации на Македонија. Особено ја поздравил активната улога на Словачка во рамките на Европската Унија и Вишеградската група, како и нејзината поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Во контекст на регионалната соработка, Гаши ја поздравил и иницијативата за поттикнување на економската реинтеграција на регионот на Западен Балкан, нагласувајќи дека регионалната поврзаност и економскиот развој се важни предуслови за стабилност и побрзо приближување кон Европската Унија.

Во својата дискусија, министерот Бланар изразил задоволство од посетата и од можноста за средба со претседателот на Собранието. Тој ја потврдил подготвеноста на Словачката Република да продолжи да ѝ дава значителна поддршка на Македонија на патот кон полноправно членство во Европската Унија, со цел земјата да стане дел од европското семејство. Бланар истакнал дека нашата држава ги исполнува условите за започнување на преговорите за членство во ЕУ и ја нагласил важноста од продолжување на европскиот интегративен процес, со поддршка од Словачка и другите земји членки.
Посебно внимание на средбата било посветено на парламентарната соработка. Гаши изразил очекување за интензивирање на активностите на Групата за соработка со Националниот совет на Словачката Република, како и за продолжување на размената на искуства и добри практики меѓу двете законодавни институции.
На крајот, претседателот Гаши ја нагласил важноста на парламентарната дипломатија како значаен инструмент за продлабочување на билатералните односи, изразувајќи подготвеност за продолжување и интензивирање на соработката со Словачката Република во сите области од заемен интерес.

