Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците го усвои годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за децата за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2025 година.
Според претседателот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов Годишниот извештај дава можност да се согледа како функционира системот за превенција за детското престапништво и правда за децата, како важен сегмент за најмладите жители во нашето општество.

-Државниот совет преку својата работа обезбедува значаен придонес во следење на состојбите и во утврдување на насоките за подобрување на нашиот систем. Во извештајот за 2025 година има значајни податоци и јас ја поздравувам посветеноста на Државниот совет за континуираното следење на законските решенија и почитувањето на правата на децата. Можам да согледам дека во одредени области има позитивни придвижувања, но има и прашања за кои треба да се работи во наредениот период и во таа смисла значајни се препораките особено оние што се однесуваат на зајакнување на капацитетите, унапредување на меѓусебната соработка, како и доследно спроведување на законските обврски. Исто така, ја поддржувам заложбата за континуирана едукација на сите професионалци вклучени во системот за правда за децата, нагласи Пренџов.
Пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците како матично тело, Годишниот извештај го презентираше, универзитетскиот професор д-р Гордана Лажетиќ, претседателка на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за децата.

-Од извештајот може да се збележи дека за жал се зголемува бројот на девојчињата кои сториле некакви дејствија кои имаат елементи на кривични дело или елементи на социјално поведение, радува што се намалува бројот на деца повикани во полициска станица, позитивно е образованието во воспитно поправниот дом Волковија во Тетово и фактот дека таму почна школска година и тоа треба да се нагласи. Оваа година имаме зголемен интерес од општините за формирање Општински совети за превенција, а подготвени сме да им дадеме насоки за работа, подготовка на програма и други идеи, рече меѓудругото Лажетиќ и препорача поголем ангажман на општинските совети и нивна поголема функционалност.
Членката на Комисијата, пратеничката Соња Мираковска во својата дискусија нагласи дека за подобрување на состојбите потребно е да се организира надзорна расправа на која ќе учествуваат претставници на општинските совети.

-Клучна во извештајот е нефункционалноста на општинските совети за превенција. Можеби дојде времето како Комисија да направиме нешто повеќе, да организираме Надзорна расправа на која претставниците на општинските совети ќе информираат за својата работа и Собранието да види зошто законот не функционира. Со организирање на надзорна расправа, донесените заклучоци ќе станат обврзувачки за институции, посебно општините кои се должни да формираат Совет за превенција, посочи Мираковска.
Наспроти пратеничката Мираковска, пратеничката Весна Бендевска, истакна дека за посочените проблеми и системски слабости, е потребно најнапред да се организира јавна расправа, а доколку е потребно ќе поддржи организирање на назорна расправа.

-Во функција да се дооформат општинските совети ние мора да имаме повратна информација за тамошните сосотојби, а тоа значи собраниските служби да упатат повик до сите општински совети, ние ќе закажеме јавна расправа да дојдат и со крајна цел да се формираат. Мислам дека пополезна ќе биде јавната расправа како почеток, а потоа ако утврдиме дека има потреба, јас поддржувам организирање и на надзорна расправа. Затоа прво јавна расправа, а потоа и надзорна расправа, истакна Бендевска.
Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ги прифатија предожените мерки од Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за децата и извештајот за работата на таа институција за 2025 година и со дополнителна координација ќе одлучат за организирање на јавна и надзорна расправа.

