Припадници на Армијата започнаа со расчистување на речното корито на Габровчица во урбаниот дел на Делчево, со цел зголемување на проточноста на водотекот и намалување на ризикот од излевање при обилни врнежи. Активностите се реализираат на барање на Општина Делчево до Министерството за одбрана и Генералштабот.
На терен се отстрануваат земјани наноси и штетна вегетација, а се вршат и активности за ископ и расчистување на коритото. Со интервенцијата треба да се обезбеди поголема проточна моќ на реката Габровчица, која поминува низ повеќе урбани населби и се вкрстува со значајни сообраќајници во градот.
Од Општина Делчево информираат дека станува збор за превентивни мерки за заштита од поплави, имајќи ги предвид ризиците од обилни врнежи и последиците од природни непогоди со кои општината се соочувала во изминатите години.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, посочи дека расчистувањето на речното корито е дел од определбата на локалната самоуправа навремено да ги адресира потенцијалните ризици и да придонесе за поголема безбедност на граѓаните, домовите и имотите.
– Како Општина, се грижиме за безбедноста на граѓаните и за заштитата на нивните домови и имоти. Со расчистувањето придонесуваме за подобра проточност на водата и намалување на ризикот од излевање при обилни врнежи. Превенцијата и навременото дејствување се наша одговорност, истакна Гоцевски.
Тој упати благодарност до припадниците на Армијата за ангажманот на терен, како и до Министерството за одбрана и Генералштабот за поддршката на Општина Делчево.
Гоцевски посочи дека расчистувањето на коритото е резултат на претходно утврдена потреба и упатено барање до надлежните институции, а активностите на терен продолжуваат.
Од Општината оценуваат дека со навремено расчистување и одржување на водотекот се создаваат подобри услови за непречено протекување на водата и се преземаат превентивни мерки за заштита на населението и материјалните добра во случај на зголемен водостој.

