Општина Берово објави јавен повик за вклучување на евидентирани невработени лица со ниски квалификации во Програмата за работно ангажирање – Јавни работи, преку која ќе се реализираат активности од инфраструктурен карактер и заштита на животната средина.
Повикот е објавен во рамки на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2026 година, а програмата е финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување и од Општина Берово.
Заинтересираните невработени лица од територијата на општината можат да поднесат пријави во Центарот за вработување во Берово, во периодот од 15 до 19 октомври, од 8 до 14 часот.
Според јавниот повик, работното ангажирање ќе се реализира во еден циклус годишно, во времетраење од 30 дена, со работен ангажман од четири часа дневно. Предвидена е финансиска поддршка од 800 денари дневно по работно ангажирано лице, во која се вклучени данокот на личен доход и осигурувањето за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда при работа и професионална болест.
Изборот на пријавените кандидати ќе го врши комисија формирана од градоначалникот на Општина Берово. Во јавниот повик е наведено дека корисниците на социјална помош ќе го задржат правото на нејзино користење за време на работното ангажирање.
Програмата е дел од мерките за работно ангажирање на невработени лица, со кои се предвидува нивно вклучување во активности од јавен интерес, особено во областа на инфраструктурата и заштитата на животната средина.

