Гавран на гавран око не му вади. Оваа народна поговорка и понатаму е суровата реалност во македонското правосудство. Ѓоко Ристов, корумпираните полицајци од скопскиот суд што вршеле работа за судии, Наќе Ѓеоргиев, прилепскиот виш обвинител, Иџет Мемети од Советот на јавни обвинители. Долга е листата во која се гледа како судиите и обвинителите меѓусебно си ги штитат грбовите. Па така, судиите и обвинители фатени со мито не завршуваат во притвор, туку одат на судење или се спогодуваат од дома. Единствената казна им е што немаат пасош, па не може да патуваат надвор од државата.
Дел од правната фела години наназад алудира на тоа дека корупцијата цвета во судскиот систем. Дека до правда се стигнува само со мито, коментира и целата јавност. Погорлив проблем е тоа што и тие што се фатени на дело, не завршуваат зад решетки. Судот честопати за едните е мајка, за останатите и обичниот народ е маќеа, вели адвокатот Сашо ДУкоски. Тој е дециен дека ккако бранител е против мерката притвор, но јасно го посочува проблемот дека поблагите мерки за обезбедување присуство им се делат само на судиите и обвинителите.
„Еве видете го примерот, поранешниот правобранител и адвокат Стафа беше во ефективен притвор, но ниеден друг, еве и последниот обвинител од Битола не заврши во притвор. Не барам да се определуваат притвори, да не бидам погрешно сфатен, барам еднакви аршини, нели сите сме еднакви пред Уставот и законите. Се создава впелаток дека има помагање меѓу колегите кои се странки во постапката, за нив важат поблаги мерки за да се обезбеди нивното присуство, за други не важат. Треба веднаш да се претстане со оваа пракса“, вели Дукоски.
Најсвежиот случај го потресе правосудството пред само три дена. Полицијата влезе во домот на виш јавен обвинител од Битола, со потекло од Прилеп. Наместо да ги гони криминалците, тој е осомничен дека наплаќал за да мести предмети, да враќа одземени пасоши и да средува поблаги казни. Судот во Скопје само му го одзема пасошот и го спречи да се шета надвор од државата.
На почетокот на годинава, во куќен притвор заврши апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Кај него беа пронајдени над 350.000 евра во кеш, по што Судскиот совет мораше итно да му го одземе имунитетот за да му се одреди куќен притвор за примање поткуп.
Пред него, на лице место со мито во рака беше фатен и врховниот судија Наќе Георгиев, кој призна вина и си договори три години затвор, додека неговиот ортак од Советот на јавни обвинители куртули со условна казна и срамно заминување од функцијата.
Дека корупцијата ги фатила сите коренчиња во судските згради потврди и пролетната акција во Кривичниот суд во Скопје, каде што беа уапсени судски полицаец и доставувач на пошта. Тие земале поткуп за одолговлекување и криење предмети во фиоки. Само уапсениот полицаец заврши во притвор пред да биде осуден, останатите судии и обвинители поминаа со куќни притвори или одземени пасоши.

