ТикТок, Јутјуб, Инстаграм, интернет-платформите станаа омилени играчки на денешните деца и наместо игра, слободното време сè почесто го исполнуваат со дигитални содржини, кои не секогаш се соодветни за нивната возраст. Ова ја наметнува потребата да се размисли и анализира дали Македонија, по теркот на ЕУ, треба да го ограничи пристапот до социјални мрежи за деца под 13 години, сметаат експертите. Новиот начин на живот носи нови предизвици како за родителите, така и за целото општество.
„Децата имаат многу забрзано детство и границата на детството е многу скратена. Тие многу рано влегуваат во виртуелниот свет, многу рано влегуваат во содржини и активности коишто немаат капацитет да ја разберат смислата на она што го гледаат. Заради тоа, мислам дека возрасните, институциите, родителите треба да бидат многу проактивни, многу да се едуцираме за да успееме да создадеме поквалитетен ритам на денот на децата“, изјави проф. Кирил Барабареев.
Социјалните мрежи го менуваат и начинот на воспитување на децата, а семејството и училиштата се во постојана трка како да го задржат своето влијание. Во виртуелниот свет децата не наоѓаат само забава, туку и содржини и модели на однесување.
„Предочува на забрзаните родители, дезориентираните наставници соочени со деца коишто не почитуваат авторитет и коишто немаат фокус, изложени пред сè на воспитување од социјалните мрежи, а не од страна на училиштата и семејството. Воочува една нова парадигма којашто укажува колку е важна и определувачка улогата на социјалните мрежи на коишто новото дете и идниот граѓанин е изложен“, изјави Марко Трошановски.
На денешната тркалезна маса, на која беше промовирана и најновата книга на проф. Барбареев, „Кризата на детството“, експертите посочуваат дека проблемот бара и институционална поддршка, односно да се следат примерите во Австралија, Малезија, Турција. Минатата недела Европската комисија предложи деца под 13 години да немаат пристап до социјалните мрежи, додека за 14-годишните би имало само родителски надгледувани ограничени профили.

