Европската Унија ги бележи најскапите горива во последните две децении. Цените на дизелот и бензинот се на нивоа какви што не се забележани до сега откако Европската Комисија води официјална евиденција. Според најновиот неделен извештај на Европската комисија, просечната цена на бензинот во Европската Унија на 14 септември достигнала 2,063 евра за литар, а дизелот 2,159 евра.
Поскапувањето на горивата продолжува под влијание на повисоката цена на суровата нафта, но и на зголемените трошоци за нејзина преработка. Најголем удар засега има кај дизелот, каде рафинериските маржи дополнително ја зголемуваат крајната цена. Од почетокот на годината, бензинот во Европската Унија поскапел за околу 29 проценти, а дизелот за речиси 40 отсто. Според анализите овој тренд се уште не покажува знаци на целосно запирање.
Додека во Европа возачите за полн резервоар од 50 литри плаќаат над 100 евра, во Македонија цената се држи под контрола со намалените акцизи и ДДВ. Ефектот се гледа и на границите, каде што гориво точат и возачи од соседните земји.
Дизелот во Македонија се продава за 99 денари по литар. Од бензините, 98-цата се продава за 102,5 денари, а бензинот од 95 октани чини 100 денари по литар. Споредено со другите држави, Македонија успеа да ги задржи цените на горивата на најниско ниво на Балканот. Македонските возачи точат поефтин дизел и бензини од Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Романија.
Владините мерки за намалување на цените на горивата имаат директно влијание врз семејниот буџет. Со намалувањето на акцизата за четири денари кај дизелот и два денари кај бензините, како и со намалувањето на ДДВ-то за дизелот од 18 на 10 проценти, драстично се намалува крајната цена за потрошувачите. Без намалената акциза и ДДВ, дизелот денес би бил поскап за околу 11,5 денари за литар. Според Владата, Македонските граѓани заштедуваат дневно до 250 илјади евра само на дизел.
Бранот поскапувања трае од крајот на февруари, откако воениот конфликт со Иран го наруши поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец.

