Нема повеќе пари на рака и подмитување на царинците за нелегални производи и пратки при влез и излез надвор од Македонија. Граничарите од денес нема да можат да замижуваат на едното око и да дозволат прекршување на законот. Триесетте телесни камери, со кои се поднови македонската царина, ќе го снимат секој незаконски потег на царинскиот службеник, но исто така ќе го регистрираат и однесувањето на патниците, превозниците и економските оператори.
„Со обезбедените 30 телесни камери, заедно со целокупниот систем на инфраструктура и со спроведените обуки за корисници, супервизори, администратори и обучувачи, ние не добиваме само технологија, ние добивме систем кој треба да даде конкурентни резултати во секојдневното работење. Но, технологијата само по себе не е доволна, најважни се луѓето кои ја користат и начинот на кој се користи. Затоа очекувам од нашите колеги на овие гранични премини да ја користат опремата одговорно, доследно и професионално, согласно утврдените правила“, изјави директорот на Царина, Бобан Николовски.
Цариниците на граничниот премин Табановце денеска за првпат имаа можност да ги користат камерите. Се снимаше разговорот меѓу цариникот и возачите, како и процесот на пребарувањето на багажот. Опремата е обезбедена со помош на САД.
„САД веруваат дека силните институции се основа за безбедно и просперитетно општество. Денешното предавање на опремата е израз на заложбите на САД да гради ефикасни односи кои истовремено ги унапредуваат интересите на САД и на нашите сојузници. Заедно создаваме побезбедна средина за тргување, патување и инвестиции што ќе им донесат бенефит на двете наши нации преку поддршка за модернизирање на царинските операции“, изјави Никол Варнс, амбасадор на САД во Македонија
Покрај Табановце, цариниците камерите ќе ги носат и на граничните премини Ќафасан и Блаце. Камерите Македонија ги добива преку меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги, во рамките на Кривичниот оддел при Министерството за правда на САД.

