Реклама

84% од здравствените работници ја препознаваат корупцијата во здравството

Македонската царина се модернизира со опрема од ЕУ вредна 4 милиони евра

Димитриеска-Кочоска: Граѓаните се прв приоритет на оваа Влада, работиме за нивна максимална заштита и заштита на стопанството

Матичните ќе даваат најмногу пет дена боледување, Фондот ќе проверува дали болните се дома – Перински најави промени

Еколошки аларм и регионална соработка – прва летна школа за мониторинг на животната средина во Македонија

Времено решени проблемите со самозапалувањето и загадувањето на воздухот од крушевачката депонија

Нема да има предвремени избори! – Гаши се потпира на своето „шесто сетило“ во својата политичка процена

Нови строги правила на ЕУ: Кос предлага новите членки да немаат право на вето, со ризик за суспензија на гласот и скратени финансии

Уапсен кумановски лихвар и насилник – Закани со колење на плоштад упатени кон премиерот Мицкоски

Мерките на Владата даваат резултати – дизелот поевтинува за два денари

Центрите за податоци – нова шанса за развој на Македонија

Владата со два јавни повици за осовременување на македонските компании во вкупна вредност од 7 милиони денари

Македонија

Доделување на наградата „Прозарт“ на српскиот писател Драган Великиќ

Со врачување на наградата „Прозарт“ на српскиот писател Драган Великиќ вечерва во…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Со врачување на наградата „Прозарт“ на српскиот писател Драган Великиќ вечерва во 20 часот во Музејот на град Скопје официјално ќе биде затворено 14. издание на фестивалот ПРО-ЗА Балкан. Ќе се обрати авторот, а сите писатели ќе читаат извадоци од свои дела. Настанот е бесплатен и отворен за публика.

Во „Europe House“-Скопје синоќа, во рамките на фестивалот, се одржа тркалезна маса на тема „Иднината што не знаеме да ја замислиме“. Кој ќе пишува книги во 2060/2070 година?“

Како што информираат организаторите, учесниците на тркалезната маса истакнале инспиративни визии за иднината и реални погледи на сегашноста лауреатот на „Прозарт 2026“, современиот српски писател Драган Великиќ, словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара, Зиновија Василејади од Грција, училиштен психолог и авторка на детска литература, српската писателка Христина Радовиќ-Андриќ, Мајк Дауни, ирско-британскиот автор и продуцент, македонскиот писател Блаже Миневски, албанската писателка Дијана Чули и писателот и сценарист Николај Терзијски од Бугарија.

Реклама

Панелот традиционално го отворил Дејан Трајкоски, основач на фестивалот. Тој во уводниот дел направил споредба на зададената тема со два филма: „Сталкер“ на Андреј Тарковски и „Седмиот печат“ на Ингмар Бергман. Трајкоски ја опиша Зоната во „Сталкер“ како метафора за непознатото (иднината), а Собата е местото каде што се исполнуваат најдлабоките желби.

-Таму луѓето влегуваат со очекување и надеж, а се враќаат преплашени од она со што не можат да се соочат, со непознатото во себе или една интерпретација – иднината. Или „Седмиот печат“ од Бергман, каде што витезот е преплашен од вечноста без смисла (од иднината без смисла), а во меѓувреме осознава дека во сегашноста има јагоди, бело млеко и подадена рака. Каде е тука местото на литературата. Великаните како Орвел, Замјатин, Хаксли пишуваа за иднината со тоа што импрегнираа делови од нивната сегашност – репресивните механизми, општества и сл. Како ќе ја опишува денешниот писател иднината, освен како постапокалиптична, дали ќе влезе во Собата и каков ќе излезе – рече Трајкоски, отворајќи простор за широка дебата.

На него се надоврза Владимир Јанковски, наградуван писател, кој со години соработува со фестивалот и ги модерира тркалезните маси. Јанковски рече дека литературата секогаш е заробена најмалку во три времиња – го реконструира минатото, ја преиспитува сегашноста и ја замислува иднината.

-Има прекрасни живописни примери уште во зачетокот на европската цивилизација и литературата. Двата епа на Хомер, „Илијада“ и „Одисеја“ ги читаме од времето во кое се создадени, а реферираат на настани што се случиле 400 години порано. Ги читаме како епови со автентичен епски глас, а се случиле многу порано. Дури и кога реферира на далечно минато, литературата се обидувала да го легитимизира сопственото време. Колку писателите може да излезат од чевлите на сопственото време – рече Јанковски.

На прашањето како лауреатот Великиќ ја замислува книжевната сцена во 2060/2070 година, што го загрижува, а што го охрабрува, тој се пошегува дека не е пророк за да го знае одговорот.

-Треба да е добра литература. Толку е едноставно. Иво Андриќ зборуваше дека треба да поминат 50 години за да се види дали литературата е добра. Има многу заборавени генијални дела. Но, тоа што е добро не е изгубено, кога-тогаш ќе излезе на виделина. Некогаш требало да поминат 100, 200 години за да се случи промена – рече Великиќ.

Христина Радовиќ-Андриќ се осврнала на технолошкиот напредок и употребата на вештачката интелигенција, децидна дека ВИ платформите не можат да создадат литература каква што создава авторот.

-Се иселив од Белград и во селото каде што живеам има мала библиотека, организиравме литературни вечери, имавме одлични гости. Одам по селото секој ден и ги молам луѓето да дојдат. Сите ми велат немам време, немам трпение да читам. За мене ова забрзување е ѓаволска работа. Си ставивме голем камен на плеќите и не знаеме што со него. ВИ никогаш нема да може софистицирано да ја опише топлината на прегратката. Многу е важно децата да растат со физички книги – рече Радовиќ-Андриќ.

Мајк Дауни целосно се согласува со неа во однос на прашањата поврзани со литературата и ВИ.

-На ниво за етика, ако седиш пред компјутер и пишуваш промптови за да напишеш нешто, зошто се потпишуваш, зошто пишуваш и зошто не работиш нешто друго? Учев во истото школо каде што учел Артур Кларк, јас бев единствениот од класот што го заврши слушањето латински јазик. Професорот еднаш ми рече: „Речник во нечии раце може да биде многу опасно оружје.“ Одбивам да користам ВИ во пишувањето, зашто тоа е длабок процес на учење и разбирање на нештата – рече Дауни.

Блаже Миневски се обидува да ја игнорира „таа опасна госпоѓа ВИ“. Тоа го прави по сопствен избор, сè уште пишува на рака, ретко користи компјутер.

-Тоа ќе го оставам за следните генерации. Не треба да се плашиме, ако се плашеше Гутенберг, немаше да имаме печат, ако немаше дигитални алатки немаш да има електронски изданија. Во однос на третманот на темите, дали роман или новинарство, секогаш тргам од еден корисен цитат на Гогољ кој на многу точен начин го дефинира односот на писателот кон тоа што го работи – пишувам за сегашноста која во себе ја претворам во минато. Верувам дека ќе остане тоа што е добро напишано, тоа што е автентично – вели Миневски.

Во 13:30 часот денеска во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, Гергана Панчева, директорка на Литературната агенција од Софија ќе одржи предавање на тема „Предизвиците и главните столбови на книжевната промоција во недоволно застапените региони“. Веднаш потоа ќе следува средба на учесниците на Скопје фелоушип и тркалезна маса на тема „Иднината што не знаеме да ја замислиме“ што ќе ја модерира Владимир Јанковски. (Бугарски културно-информативен центар). Овие два настани се наменети за професионалци од областа на издаваштвото.

Организатор на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Делегација на Европската Унија и Europe House, Амбасада на Грција, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасада на Словенија, Кинотека, Музеј на град Скопје и Умно.мк.