Фестивалот „Ристо Шишков“ да се институционализира и со него да управува поширок круг театарски дејци, ова е главното барање на струмичкиот театар. Според нив, парадокс е фестивалот што го создале нивни колеги денес да функционира без претставник од „Антон Панов“. Долгогодишниот ист управувачки концепт, велат, отвора сомнежи во неговото работење. Како спорен го посочуваат и составот на Советот. Во него, според податоците со кои располагаат, сè уште фигурира актерот и поранешен министер за култура од редовите на СДСМ, Благој Стефановски, кој беше на функција од 2002 до 2006 година, иако починал пред шест години. Од „Антон Панов“ бараат одговор и зошто градоначалникот на Струмица повеќе не е претседател на Советот.
„НУЦК „Антон Панов“ е само технички сервис на фестивалот. Ние не одлучуваме апсолутно ништо во фестивалот, ниту еден од нас не е во Советот на фестивалот. Загрижувачки е дека во информација добиена од Централниот регистар, еден наш починат колега, кој е починат во 2020 година, сè уште се води како член на Советот на фестивалот“, изјави раководителот на Театар-Струмица, Ванчо Василев.
Фестивалот, пак, има свое објаснување. Директорот Ванчо Патриков вели дека Благој Стефановски бил почесен член поради неговиот повеќегодишен ангажман како селектор.
„Стефановски повеќе од десет години беше селектор на Фестивалот „Ристо Шишков“ и од почит кон неговото дело го ставивме како почесен член. Инаку, некои луѓе имаат нешто против фестивалот. Ако толку сакаат, нека си направат фестивал. Јас се оградувам и повеќе не зборувам на оваа тема“, изјави за Алфа, во телефонски разговор, директорот на ФРШ, Ванчо Патриков.
Патриков тврди дека со фестивалот раководи седумчлен Совет, на кој тој е претседател. Но, на прашањето кои се останатите членови, не даде конкретен одговор. Од „Антон Панов“ велат дека токму ваквиот модел треба да се промени. Не бараат фестивалот да биде нивен, туку во неговото раководење да бидат вклучени повеќе театарски дејци, по примерот на други фестивали, каде одлучуваат претставници на сите театарски куќи.
„Нашата најголема желба е фестивалот повторно да биде институционален и да може да се раководи од поширок круг на театарски дејци“, изјави Ванчо Василев, раководител на струмичкиот театар.
Фестивалот годинава се одржува по 34-ти пат. Традиционално започнува на 8 септември, а примарна цел е вреднувањето на глумечкото мајсторство. Се одржува во чест на големиот македонски актер Ристо Шишков, родум од Струмица. Поради забелешките за начинот на неговото функционирање, „Антон Панов“ годинава одлучи да не учествува на фестивалот.

