Уапсeни 20-на луѓе, претреси на повеќе од 20-локации. Ова е досегашниот епилог од големата полициска акција која е во тек, а која е поврзана со фалсификување на возачки дозволи за камиони и автобуси, дознава Алфа од полициски извори.
Неофицијално, еден од управните служби во Скопје бил помеѓу главните играчи во шемата за издавање лажни возачки. Другите 20-тина уапсени се тие кои што давале мито за да се стекнат со повисока категорија возачка дозвола.
Од Обвинителството и МВР потврдија за акцијата и најавија повеќе детали за во текот на денот.
Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, обезбедени по барање на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска се вршат претреси на 32 локации во Скопје, на лица, домови и службени простории во МВР. Се преземаат и други дејствија заради обезбедување докази поради сомненија за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 од Кривичниот законик, велат од ОЈО.
Според претходен договор, сега уапсените фиктивно пријавувале изгубена возачка дозвола и поднесувале барање за нова. При фотографирањето и процесирањето на документот, осомничините во управните служби на МВР директно во системот им ги допишувале бараните повисоки категории. Се шпекулираше дека за услугата наплаќале тарифа од околу 1.400 евра.
Одделот за внатрешна контрола при МВР започна опсежна истрага, а министерот Панче Тошковски потврди дека се преземаат мерки во координација со обвинител. Тој најави најстроги санкции за секој кој ја злоупотребил службената позиција.
Според засега непотврдени информации, еден осомничен сега бил обвинет и во минатото за истиот криминал.
Паралелно кога пукна аферата за издавањето на 200-те фалсификувани пасоши на балкански и светски криминалци, обвинителството обвини пет полициски службеници незаконски издавале возачки дозволи на лица што немале положено возачки испит за категорија Б. Тие за шест месеци издале 31 лажна возачка, а обвинети беа и тие што ги користеле.
Повеќето од нив признале вина пред судот, а останатите признале вина. Добиле парични казни, а организаторите на групата добиле затворски казни од шест месеци до три години.

