Реклама

Николоски: Аеродромот „Свети Апостол Павле“ е модернизиран и наликува на мал музеј

Мицкоски: Владата е целосно ориентирана кон привлекување на инвеститори – бројките се јасни, разликата е огромна

Инвестицијата на Алказар ја промовира Македонија како извозник на „зелена енергија“

ЕУ да ја промени политиката: Наместо обиди да се „реформира“ идентитет, да се оценуваат реформите

Од Блаце во затворот во Шуто Оризари – Перпарим Бајрами се предаде по година и пол бегство

Државата мора да биде пред партијата- јасна порака од Брисел до македонските пратеници

Нула денари – граѓаните не дале ништо за прославата на 35-годишнината од независноста

„Свети Апостол Павле“ во ново светло – на Денот на независноста промовиран модернизираниот охридски аеродром

35 години независна Македонија – од каде почнавме, а каде сме сега?

Македонскиот јазик ги чува корените на Македонците во Албанија, бараат образование на мајчин јазик

Сиљановска-Давкова: Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме, никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите!

Сиљановска-Давкова: Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме, никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите!

Македонија

Јаневски: Да не се лажеме, сите партии, освен една, беа за зачувување на федерална Југославија

Народот на референдумот од 8 септември 1991 година јасно се определи за…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Народот на референдумот од 8 септември 1991 година јасно се определи за независна, самостојна и суверена Македонија, но политичките процеси во следните 35 години беа проследени со низа сериозни пропусти, политички кризи, економска девастација и неуспех да се изгради стабилен правен систем – оцени новинарот, колумнист и директор на МИА, Дарко Јаневски, во гостувањето на ТВ „Алфа“.

Осврнувајќи се на 8 септември 1991 година, Јаневски се потсетува дека како 25-26-годишник бил меѓу граѓаните што ја прославувале независноста на плоштадот во Скопје.

– Преполн беше плоштадот, беше убаво, владееше атмосфера. Иако некои од нас предвидуваа дека следуват тешки времиња, кога е таква вечер, нормално, не размислуваш за тоа – вели Јаневски.

Реклама

Според него, во годините пред и непосредно по референдумот постоела значителна разлика меѓу расположението на граѓаните и ставовите на тогашните политички елити.

Тој потсетува дека на референдумот огромното мнозинство граѓани се изјасниле за независна и суверена Македонија, иако, како што вели, главните политички актери во тој период главно се залагале за зачувување на Југославија во некаква федерална или конфедерална форма.

Според него, иако дел од тогашните политички актери се залагале за некаква форма на федерална или конфедерална Југославија, расположението на граѓаните било поинакво.

– Ние живееме во некаков филм на единство, на обединување. Треба да се каже еднаш и да се расчисти таа работа дека главните политички актери во тоа време, освен ВМРО, тогашно на Љубчо Ѓоргиевски, кој потоа ја изневери и ја предаде Македонија, сите беа за федеративна Југославија. Да не се лажеме сега дека нешто и сите се удирале во гради. Едно беше народот. Да не заборавиме дека 1990 година на изборите, освен ВМРО, која беше за конфедерална Југославија, сите партии беа за зачувување на федерацијата. Меѓутоа, атмосферата кај народот беше поинаква и така помина тој референдум, со 95/96 отсто гласање „за“ бидејќи луѓето, едноставно, сакаа независна, самостојна, суверена Македонија итн. Иако верувам дека многумина беа свесни дека следуваат тешкотии, меѓутоа не до тој степен до кој ни се случија и кои можеше и мораа да се избегнат, а кои, за жал, подоцна не беа санкционирани – вели Јаневски.

Како една од најцрните точки во изминатите 35 години тој ја издвојува економската транзиција во првите години од независноста.

Посочува дека на 31 декември 1992 година во Македонија имало 190.000 евидентирани невработени, а шест години подоцна, според неговите истражувања, бројката била значително повисока од официјално објавената.

– Официјално беше 255.000, лажеа, и тоа го докажав во тогашниот „Фокус“. Бројката беше 330.000 невработени. За шест години, Македонија остави 140.000 луѓе без работа. Тоа се 140.000 семејства, сите тие имаат деца. И, денес, во денешно време, кога се зборува за иселување и за тоа кој бил виновен итн., се заборава тоа време кога не се изгради правна држава, кога постоеше само една партија, настрана што им помогнаа Љубчо Ѓеоргиевски и Петар Гошев со она излегување во 1994, со оставање на Бранко Црвенковски и Стојан Андов самостојно да владеат и да прават што сакаат во парламентот. Тоа се 140.000 судбини уништени за шест години. И тоа е една од најцрните точки во овие 35 години – вели Јаневски.

Според него, проблемот не бил само во губењето на работните места, туку и во тоа што не бил изграден систем на одговорност.

– Мафијашка транзиција, која никогаш не беше санкционирана и немаше волја да се санкционира – оцени Јаневски.

Тој смета дека ниту промената на власта не довела до расчистување со претходните злоупотреби.

– Дури ни ВМРО, кога дојде на власт во 1998 година, не сакаше со тоа да расчисти, туку влезе во таа шема и на тој начин добивме еден комплот од сите партии, кои ја прифатија таа транзиција и тој криминал како нешто што е сосема нормално – вели Јаневски.

Како пример го издвојува случајот со ТАТ.

– Немој некој да го заборави, на пример, ТАТ, кој донесе стотина самоубиства. Значи, настрана парите и слично на тоа – вели Јаневски.

Нагласи дека без расчистување со неправдите од минатото не може да се изгради правна држава.

– Не можеш да одиш напред, без да го санкционираш тоа претходно, без неправото да го исправиш. Не може на неправо да дојде нова партија и да гради правна држава, не може. Како што гравитацијата е природен закон и значи дека ако пуштиш еден предмет, тој ќе падне на земјата, општествен закон е дека не можеш на неправо да изградиш право. Ние го направивме тоа – вели Јаневски.

Посочи дека економските политики од првата деценија на независноста создале долгорочни последици.

– Во 2004 година стапката на невработеност достигнала 38 проценти. Тотална, тотална девастација и катастрофа. Најголема економска криза во светот се смета големата депресија 1929 – 1933 година. Луѓето мислат дека најпогодена е Америка, односно Соединетите Американски Држави. Не, Соединетите Американски Држави имаат 25 отсто невработеност. Отворете ги фотографиите од тоа време, ќе видите редици луѓе како чекаат пред кујните за брза храна. Најпогодена е Германија. Тотална катастрофа, тотална девастација. Знаете колку има невработеност Германија во тоа време. 33 отсто. Ние имаме 38 отсто. Груевски доаѓа на власт 2006, мислам дека е кај 36 отсто невработеност. Како сакате да направиме држава со толкава невработеност – потсети Јаневски.

Според него, последиците не биле само економски и го поврзува тоа со денешните процеси на иселување.

– Тоа создава ментален склоп кај луѓето, кој вели: „Бегај одовде што подалеку“. Коренот треба да го бараме во филозофијата што ја изградивме, а која вели: на неправо ние ќе се обидеме да изградиме право – истакна Јаневски.

За конфликтот во 2001 година, тој смета дека станувало збор за однапред осмислена операција.

– Јас и денес сум убеден дека тоа беше смислено сценарио. Значи, не може никој да ме разубеди во спротивното – вели Јаневски.

Тој се присетува дека во тој период бил заменик-главен уредник на „Вечер“ и дека редакцијата била преокупирана со аферата „Големото уво“.

– Ако се сеќавате, некаде на средината на јануари излезе Бранко Црвенковски со снимки. За разлика од Зоран Заев, тој не ги емитуваше тие снимки, меѓутоа излезе. Ние два месеци се занимававме со тоа прислушување, со тоа „Големо уво“ на Бранко Црвенковски и практично не ја видовме војната што доаѓа – вели тој.

Како дел од тогашните настани ги споменува и Танушевци и тврдењата што, како што вели, ги слушале од одредени разузнавачи.

– И кога сето тоа, сите тие коцки од почетокот ќе се сложат, јасно е дека тоа беше една смислена операција која требаше да доведе до малку поинаква Македонија. Не случајно потоа Љубчо Ѓеоргиевски излезе со онаа идеја за размена на територии. Тоа беше промовирано, идејата беше промовирана во МАНУ, беше поддржано од тогаш значајни високи функционери. Тоа не беше, не беше случајно. Сè на сè, една крајно грда епизода – оценува Јаневски.

Говорејќи за периодот од 2015 до 2017 година, во кој се случија шарената револуција и СЈО, Јаневски смета дека биле дел од пошироко политичко сценарио, иако, како што вели, некои од граѓаните што протестирале имале реални причини за незадоволство.

– Жал ми е за тие луѓе што настрадаа, за оние што останаа без работа, меѓутоа, од друга страна, некако ми е бедно кога ќе се сетам на сите оние што го гушкаа ГТЦ, па ја бојадисуваа Порта „Македонија“. Па колку треба ниско да се спуштиш за да го правиш тоа за да дојде до таму, не знам, овие после домашни да се разменуваат или да се бакнуваш со Бојко Борисов во договор во кој, не знам, сега искокнаа сите како Јотова, рекла дека имаме заедничка историја. Во договорот пишува, потпишан од наша страна, во преамбулата пишува. Во преамбулата пишува дека имаме заедничка историја и тоа помина. Па што не реагиравте тогаш. Што не станавте тогаш. Меѓутоа, повторно сите структури беа вклучени во тоа. Да не се лажеме, јас не велам целосно и едни и други, меѓутоа поединци сериозно, сериозно одработуваа за да го заштитат она што го украдоа итн. – рече Јаневски.

Особено се осврнува на формирањето на специјалното јавно обвинителство.

– Кога се формира СЈО, јас тогаш бев главен уредник на „Дневник“, со една од колешките ја водевме работата за тоа дека таа институција е противуставна, едноставно, тоа не е спорно за никој, дури и за студент на прва година на право, и ја туркавме таа работа за целиот процес да падне пред Уставен суд. Тоа беше една гнасна, гнасна игра, во која, за жал, многу луѓе настрадаа, некои ги изгубија животите, некои си навлекоа болести, многумина останаа без работа. Меѓу другото, затоа беше и згаснат „Дневник“ онака преку ноќ, стотина, 70-80 луѓе останаа без работа. Тогаш се изложи и целиот срам на новинарството во Македонија како продадено, како прашање е дали воопшто може да се нарече новинарство – вели тој.

Според него, последиците од начинот на кој функционирало СЈО биле сериозни за довербата во правосудството.

– Мене ме интересира функционирањето на правниот систем, кој беше, не дека тој постоеше претходно, меѓутоа тогаш беше земен, искинат и фрлен во вреќа за ѓубре. Крајно. Не постои веќе правен систем. Мојата теза е дека тоа и сега мора и може да се поништи, сеедно што веќе тој закон не е дел од правниот систем. За жал, овој состав на Уставниот суд е беден и тоа не го прави бидејќи, знаете, не може да не го поништите тоа. Не може да не го поништите и да остане дека тоа постоело како регуларен дел од правниот систем на Република Македонија, или шест пати кажете Северна, сеедно веќе, не е во овој момент за тој предмет, не е битно. И тоа така останува, никого не го интересира тоа. Не може тоа да опстане – вели Јаневски.

Тој смета дека токму тоа подоцна го отежнало повторното градење доверба во институциите.

– Зошто некој судија или обвинител би се отепувал од работа, сеедно што нивните плати во споредба со просечната се повисоки. Зошто кога државата го толерира милионското богатење на овие што згора на тоа се неуставни и незаконски. Не постои можност тоа да биде уставно. Нека земе секој нека прочита таму што постои и како е регулирано Обвинителството во Македонија, во Уставот на оваа држава. И кога тоа така проаѓа, одете сега вие изградете таков систем, правен, правосуден – нагласи Јаневски.

Како уште еден проблем го посочува недоволното соочување со наследството од поранешниот систем.

– Ние тој систем што го наследивме од комунизмот не го исправивме никогаш, не го санкциониравме тој систем, не ги санкциониравме злосторствата што беа, кодошењата. Па каков отпор имаше кон онаа комисија за лустрација. Дрва и камења се фрлаа во оваа држава, зошто. Ете ги документите. И ние не истрајавме во тој процес и на крајот ја укинавме таа комисија затоа што Европа така ни рекла. А добро, ако Европа ни го укине лебот утре, што правим – забележа Јаневски.

Тој во гостувањето во емисијата „За македонските работи“ се осврна и на атентатот врз првиот претседател Киро Глигоров во 1995 година и на авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски.

– Мене ми е страшно жал за тој атентат во 1995 година бидејќи, без оглед на моето мислење за Киро Глигоров, тој сепак беше за класа-две повеќе од оние што останаа откако врз него беше извршен атентатот. Човекот беше, имаше мудрост, имаше политичко искуство. Проблемот негов беше што не поднесуваше друга партија и што тие, всушност, во тој период ја прифатија тезата на Милошевиќ нека има повеќе партии, ама парите да дојдат кај нас, ние ќе ги земеме фабриките, па нека има повеќе партии, голема работа, не е битно, ние секогаш ќе владееме со ова општество. Тој беше елиминиран за да се тргне една пречка, која имаше огромен углед кај народот, а која велеше: „Сите ја сакаат Македонија, е па – не може“ – рече Јаневски.

И за авионската несреќа кај Мостар, во која загина претседателот Борис Трајковски, смета дека било атентат и посочи дека со години го истражувал случајот.

– Шест месеци ми требаше да склопам приказна, не приказна што ќе ја продадам, да дојдам до нешто што даваше некаков одговор на она што се случуваше со „кингерот“ – вели тој.

Според Јаневски, неговите истражувања упатувале на сценарио во кое авионот добил сигнал да почне со спуштање порано.

– И јас сум убеден дека тоа беше наместено сценарио. Успеав, мислам, да го откријам и начинот на кој е сторено, со онаа минута и неколку секунди кога нема сигнал, па потоа авионот добива сигнал, меѓутоа веќе апаратите му покажуваат дека е преблиску до аеродромот и тогаш почнува да се спушта – вели Јаневски.

Но, истовремено, вели дека нема доволно докази за конечен заклучок.

– Според мене, тоа беше атентат. Јас тоа не можам да го докажам кога некој би го побарал тоа од мене, меѓутоа јас можам да презентирам сè што сум истражувал. И тоа, шест месеци ми требаа за првиот текст, а сето тоа траеше година, две, три итн. Мислам дека тоа беше класичен атентат. Она што е проблем е што никогаш не успеав да дојдам до цврст мотив – рече Јаневски.

Тој во гостувањето во првата емисија „За македонските работи“, сепак, нагласи дека покрај критиките кон политичките процеси, постои и нешто што го смета за суштински позитивно – постоењето на македонската држава.

– Да не се лажеме, овој народ, не неговите политички гарнитури од 1990 и 1991, овој народ ја оствари идејата на која ја пропагираа Гоце Делчев итн. Јас ги набројувам често, Јане Сандански, Леонид Јанков, Ѓорче Петров, не знам, Турунџе, кој… внимавај, има луѓе што во оваа држава сметаат дека ако му се направиспоменик, тоа ми беше кажано, ако му се направи споменик на Турунџе, тоа всушност значело дека неговото бесење политички се искористува. Значи, нема ние да му направиме споменик на човек што бил обесен пред деца, пред жена итн., за некоја партија да не добие два поени плус. Тој ментален склоп, ние имаме проблем, меѓутоа во крајна линија пак ќе се навратам, Никола Карев, Питу Гули, зошто се вратил тој назад да се бори. Зошто не избегал за Бугарија. Таму ќе си отворел дуќан, кога ќе се смири целата работа, ќе се врати. Не, се вратил. Така што, тоа е една од величествените работи што во овие 30 години е остварена, а тоа е дека имаме Македонија, макар на овие 37 отсто. Тоа е така, тоа е зацементирано и така ќе остане, меѓутоа тоа е направено. Што се случуваше внатре со ова што зборувавме. Граѓаните и оние што ќе ја гледаат оваа емисија треба да разберат, не го зборуваме тоа за да, не знам, ловиме црнила, туку зборуваме со цел. Јас кога го пишувам, тоа го пишувам, кога го кажувам, го кажувам со цел тоа да се исправи, да се посочи што е лошо за да може да се исправи и на овие деца што идат по нас да им оставиме подобро затоа што нам, од 1982 до 1983, од времето на Милка Планинц, кога снема кафе, зејтин итн., еве цел живот ни помина во некаква криза. Зошто да оставиме нашите деца да го живеат истиот живот. Не, затоа го зборуваме ова, а нема ништо да направиме ако донесеше во емисија прскалки и да се смееме сега тука – истакна Јаневски во гостувањето на емисијата „За македонските работи“ на ТВ „Алфа“.