Нула денари. Толку ја чини Македонија и граѓаните организацијата на низата манифестации по повод прославата на 35-годишнината од Денот на независноста – 8 Септември. По месеци дилеми, прашања и полемики околу тоа колку јавни пари беа потрошени од буџетот за настапите на македонските музички и светски ѕвезди, премиерот Мицкоски ги обелодени деталите. Целата организација била покриена со средства од општествено одговорни компании.
„Имам лоша вест за сите оние кои шпекулираа, негодуваа, клеветеа, лиферуваа лажни информации, а молчев, не сакав да зборувам, затоа што оставав сето она што претставуваше навистина посебен момент за градовите во земјава да биде и посебен момент за граѓаните. Што е лошата вест? Лошата вест е дека буџетот го чинат сите овие настани – го чинат нула денари, граѓаните ги чинат нула денари“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Владата и организаторот уште во старт беа на удар на дел од јавноста, која постојано критикуваше и бараше одговори. Притисокот беше огромен, иако уште во старт, со најавата на сето она што се планираше да се организира како манифестација, Владата соопшти дека ќе изнесе детали откако ќе заврши прославата. Премиерот Мицкоски нагласува дека сè било транспарентно и домаќински организирано:
„Слободно може да отворите „Опен фајненс“, „Отворени финансии“ и ќе проверите дека сето ова граѓаните ги чини нула денари. Сè е организирано од општествено одговорни компании. Така што, жалам, кај поединци Фројд работи, што мислат дека како тие би правеле, дека така и другите ќе прават. Но, ова е Влада домаќинска, промакедонска, која се грижи за граѓаните и пронародна, и секој денар буџетски средства се троши на транспарентен начин“, изјави Христијан Мицкоски.
Прославата за Денот на независноста кулминираше со синоќешниот концерт на Дејвид Гета на арената „Тодор Проески“. Околу 50.000 граѓани уживаа во спектакуларниот настап на францускиот диџеј и одлично организираниот настан. Така беше синоќа, но и во деновите претходно со карванот „Силно светнал ден“ и настапот на македонските музички ѕвезди со мегапопуларниот тенор Хосе Карерас. Вкупно досега се организираа 16 настани, најголем дел од нив таканаречените „Силно светнал ден“, а гостуваа и други светски познати диџеи како Стив Аоки, Пол ван Дајк и Пол Окенфолд. Надлежните се задоволни од организацијата и од атмосферата. За време на големиот музички настан биле регистрирани само две нарушувања на јавниот ред и мир, а МВР привело пет граѓани за нарушување на јавниот ред и мир. По големата прослава, екипите на Град Скопје експресно го расчистија просторот околу стадионот и во Градскиот парк.

