Крадењето дрва на Јабланица не престанува. Со децении се врши масовно и безмилосно сечење, што зад себе остава огромни празни површини. На терен секојдневно се врши грабеж на огревно дрво, намерно се опожарува букова и борова шума за потоа да се собере тоа што останало.
Иако секојдневно фрчат и кривични пријави, дрвокрадците не се откажуваат. Па така, жител на струшко Подгорци само два дена откако бил фатен во кражба, повторно се вратил во шума да ја доврши сечата на букови стебла. Станува збор за над 200 кубни метри огревно дрво.
Ова е уште еден доказ дека пустошењето на шумите е најголемиот организиран еколошки криминал во Македонија, на чие сузбивање работат надлежните.
„Да, значи, без разлика што сега започнуваме грејна сезона, овие криминални активности беа присутни и во изминатиот период. Значи, тие на еден начин се подготвуваат, но затоа ние ги засиливме нашите контроли преку шумската полиција“, вели Борче Серафимоски, министер за земјоделие.
Експертите предлагаат формирање посебен оддел во МВР, каде што инспекторите би се занимавале само со криминалистички истраги на овие кривични дела. Сугерираат и казните во сферата на еколошкиот криминал, кои сега завршуваат со условна осуда и благи парични казни, да бидат поригорозни и да се врши целосна конфискација на имотот со кој располагаат. Инаку, во досегашните акции се запленети над 500 кубни метри дрва, а шумската полиција се засилува со кадар.
„Ги засиливме човечките ресурси со дополнително вработување на околу 80 нови шумски полицајци, а во моментот имаме и активен оглас за уште 40 шумски полицајци. Така да, ги охрабрувам сите луѓе кои што сакаат да ја заштитат природата и да ја зачуваат природата во Република Македонија да се пријават на овој оглас, за нормално да бидат во интерес на државата и заедно со останатите колеги да го заштитуваат шумскиот фонд кој што го имаме“, вели Серафимоски.
Жителите од подјабланичките села бараа да се воспостави мораториум за сечење дрва на планината Јабланица додека не се донесе план за управување кој нема да предизвикува неповратни штети по биодиверзитетот. Пустошењето на шумите предизвикува ерозија на земјата, појава на свлечишта и намалување на водотеците.

