Реклама

Еколошки грабеж без крај: Јабланица опустошена од дрвокрадци и намерни пожари

Почна реконструкцијата на кровот на штипската Клиничка болница

Немири во Европа, Македонија засега безбедна: На одредени странски сили би им одговарало тука да има нестабилност

Свечена академија „Свои на своето“- Мицкоски: Ова е нашето време и наша одговорност, да изградиме Македонија во која вреди да се живее

Имунизација против грип: Вакцината е клучна за ранливите, но не е за секого

Акциски план за малцинствата пред Бугарите во Уставот – стратегија за заштита на националните интереси

Музејот во Ново Село – мост до минатото каде што историјата оживува

Македонската ослободителна мисла – идеали што создадоа држава

Над 120 амандмани – расправа за вториот ребаланс на буџетот

Мицкоски од Црна Гора: Нема да отстапиме од борбата за националните интереси, ниту од борбата да бидеме дел од ЕУ

Јосифовска не се појави во судница за тужбата против Лејла Кадриу

Милионски тендери за мрак во Кичево

Македонија

Претседателката на Националниот совет на Македонците во Србија: Не сакаме Србија да помине низ искуство слично на Шарената револуција, политичките разлики треба се решаваат со дијалог

Македонската заедница во Србија влегува во динамичен политички период: вонредни парламентарни избори…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонската заедница во Србија влегува во динамичен политички период: вонредни парламентарни избори на 25 октомври, а две недели подоцна, на 8 ноември, избори за Националните совети, кои по првпат се одржуваат непосредно. Претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија и носителка на обединетата листа „Македонци заЕдно“, Зорица Митровиќ, зборува за растечката поларизација во српското општество и за тоа што, според неа, Македонците можат да научат од таканаречената Шарена револуција, чии последици, вели, се чувствуваат и денес.

Митровиќ говори и за натпартискиот модел на обединување, за приоритетите на македонската заедница за идната српска влада, од наставата на македонски јазик и недостигот од учебници до споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад, како и за обновената соработка со матичната држава.

Македонската заедница во Србија моментално се соочува со специфичен политички тајминг – од една страна се утрешните вонредни парламентарни избори, а од друга страна се претстојните избори за Националните совети на 8 ноември. Каков е Вашиот коментар за атмосферата меѓу нашинците во Србија во рамките на овој згуснат предизборен период?

Реклама

– Пред сè, сакам да истакнам дека Македонците во Србија се лојални граѓани на државата во која живеат, работат и ја градат својата иднина. Србија е наш дом и сосема природно е сите општествени и политички случувања да не засегаат. Затоа и ние ја чувствуваме предизборната атмосфера, особено во пресрет на парламентарните избори. Она што ме загрижува е сè поизразената поларизација во општеството и сè помалиот простор за дијалог и почитување на различните мислења. Сметам дека тоа не води кон ништо добро.

Ние, Македонците, имаме од што да извлечеме поука. Лично сметам дека таканаречената Шарена револуција не ѝ донесе ништо добро на Македонија. Напротив, според мене, таа беше вовед во еден од најтешките периоди од нашата понова историја, со длабоки општествени поделби и отворање на суштински идентитетски прашања и одлуки кои, според моето убедување, сериозно ги нарушија македонските национални интереси. Последиците од тој период ги чувствуваме и денес. Токму затоа не би сакала Србија да помине низ слично искуство.

Политичките разлики се нормални во секое демократско општество, но тие мора да се решаваат преку дијалог и почитување на институциите. Ниту една политичка победа не смее да биде поважна од стабилноста на државата и интересите на нејзините граѓани.

Што се однесува до положбата на македонската заедница, сакам да нагласам дека имаме одлична соработка со претставниците на државните, покраинските и локалните власти во Србија. Ние сме уважени како национално малцинство и имаме институционални можности да работиме на зачувувањето на нашиот идентитет. Тука особено важна улога има Националниот совет, како законски воспоставен облик на малцинска самоуправа, со надлежности во образованието, културата, информирањето и службената употреба на македонскиот јазик и писмо.

Нашата заедница е организирана и преку бројни здруженија и културно-уметнички друштва, а Националниот совет има важна улога во нивното поврзување и усогласување на заедничките приоритети. Но, треба да бидеме свесни дека Советот не е политичка партија и не може да ги застапува сите наши политички и општествени интереси. За жал, досега немавме доволно силна и стабилна македонска политичка организација која континуирано би ги артикулирала тие потреби. Тоа е нешто на што во иднина треба посериозно да работиме.

Во пресрет на двата изборни процеса, сметам дека е особено важно да го зачуваме единството на нашата заедница, да ги почитуваме различните политички определби и да продолжиме да градиме добри односи со институциите на Србија.

Во време на евидентна општествена поларизација во Србија и интензивни граѓански протести, на кој начин Националниот совет успева да ја заштити кохезијата и сигурноста на македонското малцинство во Белград, Панчево, Јабука и останатите средини?

– Она што нѐ обединува како заедница е токму она што нѐ прави Македонци – чувството на национална припадност, нашиот јазик, култура и традиција. Ние сме прилично дисперзирана заедница, нѐ има во речиси сите делови на Србија, од Суботица до Врање, но без оглед на тоа каде живееме, македонството е нашиот заеднички именител.

Меѓу нас има луѓе од различни генерации, професии и политички убедувања, што е сосема природно. Македонските политички партии и политички активните поединци имаат свои програми и ставови, но Националниот совет не е место за партиски поделби. Неговата улога е да нѐ обединува околу прашањата што се важни за сите нас – зачувувањето на македонскиот идентитет, јазикот, културата и образованието.

И покрај актуелните политички случувања во Србија, нашите активности во сите области се одвиваат непречено. Продолжуваме со редовните програми, културните манифестации, образовните активности и соработката со здруженијата и институциите. Неодамна одбележавме и еден исклучително значаен јубилеј – 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина, во присуство на премиерите на Србија и Македонија, претседателката на Покраинската влада и бројни други високи претставници.

За нас тоа беше важен настан, не само поради историското значење, туку и како потврда за институционалната соработка и местото што македонската заедница го има во српското општество. Сметам дека особено во периоди на политички тензии е важно да го зачуваме тоа единство. Не мора сите да размислуваме исто, ниту да имаме исти политички ставови, но не смееме да дозволиме тие разлики да го нарушат она што со децении го градиме.

На претстојните избори за Националните совети, Вие сте носителка на обединетата листа „Македонци заЕдно“, зад која застанаа 29 граѓански здруженија и организации. Што претставува овој надпартиски модел на коалицирање за идниот развој на нашата заедница?

– Точно така, листата „Македонци заЕдно“ претставува модел на надпартиско обединување, заснован на заедничката национална припадност, меѓусебната доверба и одговорноста кон иднината на Македонците во Србија. Фактот што зад оваа иницијатива застанаа толку граѓански здруженија и организации говори за подготвеноста за соработка, независно од различните политички определби, организациски интереси и лични ставови.

Особено е важно ова обединување да се разгледува во контекст на промената на начинот на избор на Националниот совет. Досега неговите членови ги избиравме посредно, преку електори кои на електорско собрание одлучуваа за составот на Советот. Сега, за првпат, излегуваме на непосредни избори, на кои Македонците запишани во посебниот избирачки список ќе можат директно да ги избираат своите претставници. Овој процес е поотворен и потранспарентен, но бара и поинаков пристап. Затоа сме особено активни на терен, настојувајќи да информираме и вклучиме што поголем број припадници на нашата заедница, не само во изборниот процес, туку и во идната работа на Советот.

За сите нас кои сме дел од оваа иницијатива, изборите не се цел сами по себе, туку прв чекор во реализацијата на еден многу поширок и долгорочен план, содржан во Стратегијата за работа и развој на Националниот совет за периодот 2026–2031 година. Посебната вредност на оваа стратегија е во начинот на кој беше подготвена – преку теренски истражувања спроведени од независни експерти ангажирани од ОБСЕ, со вклучување на различни чинители на македонската заедница, вклучително и оние кои имаат критички став кон досегашното работење или раководството на Советот. Сметам дека тоа е исклучително важно, бидејќи документ што ја определува иднината на целата заедница мора да ги земе предвид различните мислења, потреби и предлози, а не само ставовите на оние кои се согласуваат со нас.

Токму во тоа ја гледам суштината на моделот „Македонци заЕдно“. Не настојуваме да ги избришеме разликите меѓу нас, туку да не дозволиме тие да бидат пречка за соработка. Нашата цел е стратешките определби да ги преточиме во конкретни активности, со поголема вклученост на здруженијата, подобра координација меѓу различните средини и посистематска работа на зачувувањето на македонскиот јазик, културата и националниот идентитет, со особено внимание кон младите генерации.

Притоа, не смееме да заборавиме дека Националниот совет е институција која функционира во јасно утврдена законска рамка, со дефинирани надлежности и ограничувања. Тој не може да ги решава сите проблеми на заедницата, ниту да постапува надвор од законските овластувања. За жал, постојат и поединци во нашата заедница кои недоволно ја разбираат или не сакаат да ја прифатат оваа реалност, па наместо дијалог и конструктивна соработка, избираат напади и конфронтација. Сакам да нагласам дека аргументираната критика е секогаш добредојдена и неопходна, но постои суштинска разлика меѓу критика која нуди решенија и конфронтација која сама по себе станува цел. Нашата заедница е премногу мала, а предизвиците пред кои се наоѓа премногу сериозни, за да ја трошиме енергијата на лични пресметки и внатрешни поделби. Затоа, за мене вистинската вредност на ова обединување нема да се мери само преку изборниот резултат, туку преку она што ќе го реализираме во годините што следуваат.

Кои се клучните институционални барања и приоритети што Националниот совет ќе ги испорача до идната влада на Република Србија кога станува збор за унапредување на правата во образованието, културата и информирањето на македонски јазик?

– Нашите приоритети се јасно дефинирани и произлегуваат од реалните потреби на македонската заедница во Србија, како и од законските надлежности на Националниот совет. Во соработката со идната влада на Република Србија ќе настојуваме да обезбедиме континуирана институционална поддршка за унапредување на нашите права, пред сè во образованието, културата и информирањето на македонски јазик.

Наш апсолутен приоритет е образованието на македонски јазик. Денес предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура“ се изучува како изборен предмет во 11 основни училишта во Србија, со речиси 400 ученици. Тоа за нас е исклучително значајно, бидејќи јазикот е основата врз која се гради и зачувува националниот идентитет, особено кај младите генерации. Токму затоа ја формиравме Фондацијата „Македонски училишен центар“ во Лесковац, каде што имаме најголем број ученици. Нејзината задача е да ги координира активностите во оваа област, да ги препознава потребите на учениците и наставниците и да придонесе за посистематски развој на наставата на македонски јазик.

Еден од најголемите предизвици останува обезбедувањето соодветни учебници. Во моментов располагаме со учебници за предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура“ само од прво до трето одделение, во издание на Заводот за учебници на Република Србија. За повисоките одделенија сè уште немаме соодветни учебници, што претставува сериозен недостаток кој мораме да го надминеме. Затоа веќе покренавме иницијатива за обезбедување учебници преку Кабинетот на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова, бидејќи соработката со образовните институции на матичната држава е од исклучително значење.

Но, овде морам да бидам и самокритична. Во претходните два мандата на Националниот совет, Одборот за образование не покажа доволна активност и иницијативност за ова прашање да се решава навремено. Резултатот е дека денес, и покрај речиси 400 ученици, немаме комплетирана учебничка литература. Тоа е конкретен пропуст за кој мора да се преземе одговорност. Особено сметам дека оние кои и претходно биле дел од структурите задолжени за образованието, а денес повторно претендираат да ја преземат одговорноста за работата на Советот, треба пред јавноста да објаснат зошто ова прашање останало нерешено, и покрај сите обезбедени услови. Одговорноста за институционалната работа мора да се мери преку конкретни резултати, а не само преку критики и ветувања.

Во областа на информирањето имаме позитивни поместувања. Минатата година успеавме да обезбедиме уште една телевизиска емисија на македонски јазик на Радио-телевизија Војводина, со што се прошири медиумскиот простор на нашата заедница. Нашата следна цел е да обезбедиме дополнителна радиоемисија, како и кадровско и програмско зајакнување на редакцијата на македонски јазик. Сметам дека информирањето на мајчин јазик не е само законско право, туку и важен инструмент за поврзување на Македонците кои живеат во различни делови на Србија.

Во областа на културата, од особено значење е отворањето на Македонскиот културно-информативен центар во Белград, со кој Националниот совет има одлична соработка. Таа не е само формална, туку се огледа во заедничкото организирање културни програми, кои се претставуваат како во Белград, така и во други средини во Србија. На тој начин македонската култура станува повидлива, подастапна и поприсутна во јавниот живот.

Пред нас е и реализацијата на еден значаен проект – поставувањето на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад. Овој проект предизвика и одредени негативни реакции од претставници на грчката заедница во Србија, но тие не го запреа процесот на неговата реализација. За нас овој споменик има пред сè културно, историско и симболично значење. Тој е израз на нашата национална припадност и желбата македонската заедница да остави трајно и достоинствено обележје на своето присуство во Србија.

Во овој контекст, особено сакам да ја истакнам и значително подобрената соработка со институциите на нашата матична држава. По повеќе години во кои комуникацијата беше сведена на минимум, денес повторно имаме отворени врати, институционален дијалог и подготвеност за конкретна поддршка. Тоа го потврди и присуството на македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Нови Сад, како и неговите заложби за опстанокот, стабилноста и унапредувањето на работата на Националниот совет на Македонците во Србија. За нас ова има големо значење, бидејќи поддршката од матичната држава не треба да зависи од дневнополитичките околности, туку да претставува трајна национална и институционална определба.

Верувам дека со добра соработка со институциите на Република Србија, со обновената поддршка од матичната држава и со поодговорна и поорганизирана работа на Националниот совет, можеме да направиме значајни исчекори.