Започна реконструкцијата на кровот на штипската Клиничка болница, што беше оштетен од невремето во јули годинава. Во првата фаза се работи на делот над Ургентниот центар. Старата конструкција е целосно отстранета, а просторот е подготвен за поставување на новата. По ова ќе следува обнова на кровот на главната зграда на болницата. Градежните активности почнаа откако беше одбиена жалбата во постапката за надзор.
„Како што можете да видите, целосно е отстранета и за неколку дена треба да ја постават новата конструкција. Тоа е прва фаза. Што се однесува до втората, таа ќе биде на главната зграда, целиот кров треба да се смени“, изјави директорот на штипската Клиничка болница, д-р Влатко Захариев.
Во меѓувреме, најголемиот здравствен центар во источниот регион сè уште функционира со ограничен обем на работа на одредени одделенија. Операционата сала на одделот за ортопедија сè уште не е функционална, поради што оперативните интервенции се вршат според претходно утврден распоред.
„Редукција имаме на одделението за ортопедија, каде што ортопедската сала е вон функција, но е направена една модификација со која ќе може да ги обслужеме пациентите. Ортопедите работат во хируршката сала и тоа во одредени термини. Еден ден работат хирурзите, еден ден ортопедите, за да нема поголем застој во програмот и во итната патологија“, изјави директорот на штипската Клиничка болница, д-р Владко Захариев.
Силното невреме што тогаш го зафати Штип предизвика сериозни оштетувања на Клиничката болница. Ветерот го откорна кровот, а дождот протече и во операционата сала. Делови од конструкцијата завршија во болничкиот двор и, за среќа, во целиот случај немаше повредени.

