Цела ноќ траеше битката за спас на штипските села Селце, Пухче, Степанци и Лакавица. Најкритично беше кон Селце, каде што пламените јазици се приближуваа до првите викендички. Со градежна механизација се правеа земјени прстени за да се спречи ширењето на огнот. Со дополнителни сили од околните општини и противпожарни единици, објектите беа одбранети. За среќа, нема повредени лица, ниту материјална штета. Иако во текот на вчерашниот ден состојбата беше ставена под контрола, силниот ветер попладнето повторно ја влоши. Освен од земја, пожарот се гасеше и од воздух.
„Со командантот на Генералштабот Стојанче Ангелов, за кратко време ги локализиравме сите околни општини со нивните противпожарни единици. На крајот бевме околу 140 до 160 професионални пожарникари, доброволни друштва. Синоќа работевме до кај 2 часот во утринските часови. Можам да кажам дека делумно огнот е ставен под контрола. Има уште еден крак каде што е критичен према селото Селце“, изјави Благој Ренџов, командир на ТППЕ-Штип.
Колкава површина е опожарена ќе се утврдува дополнително. Се претпоставува дека пожарот е подметнат. На другата страна од државата, состојбата на Пелистер е под контрола, но на места сè уште гори. Во текот на ноќта пожар од косовска страна навлегол во атарот на село Грачани, со огнена линија долга над 5 километри. Активен е и пожарот меѓу Струга и Дебар.

„Во атарот на селата Луково и Боринец, поради опасноста овој пожар да се приближи до блиските населени места, рано утрово таму како поддршка е испратен еден армиски хеликоптер, кој со своето големо ведро дејствува во текот на целото утро“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Во текот на вчерашниот ден во земјата се регистрирани над 40 пожари. Нови огнени точки повторно има на планината Китка, во околината на Студеничани, а мирисот на изгорено и чад се чувствува и во Скопје.
