Конкретни мерки во борбата со иселувањето. Малите општини со финансиска поддршка за младите се обидуваат да ги задржат во родниот крај. Од помош за средношколци, до субвенции за возачки испит. Во Пробиштип, поддршка добива секое прваче, а најуспешните ученици и нивните ментори се наградуваат. За средношколците, општината обезбедува по 2.000 денари месечно доколку се запишат во локалното средно училиште. Бројот на средношколци во оваа општина е зголемен за повеќе од десет проценти.
„Еве, оваа година можам да кажам дека за прв пат, после долги години, имаме повеќе запишано средношколци отколку што имавме минатата година и сигурен сум дека има уште многу мерки кои ние во наредниот период ќе ги анализираме и ќе ги примениме, сè со цел да задржиме што е можно повеќе од нашите млади да учат, а потоа и да работат во нашата општина“, изјави градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски.
Слични вакви мерки има речиси во сите помали општини, од помош за новороденче, до субвенции за клима-уреди и палети. Меѓу нив е и Карбинци, каде што од наредната година најавуваат финансиска поддршка за младите, со цел полесно да дојдат до возачка дозвола.

„Веќе наредната година ќе има субвенции за возачки испит за младите лица до 25 години. Општината ќе покрие дел од трошоците за полагање на возачки испит“, изјави градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов.
Миграцијата од помалите кон поголемите општини, особено за истокот, го празни регионот. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2023 година, 42,7% од внатрешните миграции во Источниот регион биле преселби од село во град.

