По серијата пожари, Делчево ги засилува мерките за поголема безбедност. На критичните локации ќе се поставува видеонадзор, а ќе има и честа контрола со дронови. Засилено полициско присуство ќе има и за време на продолжениот викенд, кога Малешевијата го празнува големиот христијански празник Голема Богородица. Се очекуваат гости од целата држава, како и од соседна Бугарија. Контроли ќе има на сите критични точки, а ќе се легитимираат сите кои се движат на отворен простор.
„На самиот Кризен штаб беше донесена одлука сите институции кои имаат надлежност да вршат легитимација и контрола на терен, како Регионалниот центар Исток, ОВР-Делчево, Македонски шуми, да бидат поставени на пунктови на коишто ќе се следи движењето на граѓаните“, изјави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.
За само една недела, во Делчевско огнот пеплоса околу 230 хектари борова шума. Последните пожари во атарите на селата Бигла и Црквенец се предизвикани од човечки фактор, а надлежните се сомневаат дека и останатите пожари кои се случија последователно се подметнати. Поради ова, на последниот состанок на Кризниот штаб е донесен заклучок за поставување на видеонадзор на најкритичните точки.

„Дадовме наредба да се изготви елаборат за поставување на видеонадзор на повеќе локации на територијата на Општина Делчево, кои ќе имаат за цел да го следат движењето на нашите сограѓани и да превенираат како од појава на шумски пожари, така и појава на диви депонии“, изјави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.
Од Општината апелираат граѓаните да бидат внимателни и секој пожар веднаш да го пријават на 112. Дополнително, градот ќе отвори и донаторска сметка, преку која ќе се обезбедуваат средства за набавка на дополнителна опрема и возила за гасење пожари.

