Реклама

Психолози за Алфа: Важно е разводот на децата да им се објасни како „нов начин на функционирање“

Пример и за државите од Европската Унија: Македонија меѓу земјите кои најмногу ги почитуваат човековите права

Градски воз, електрични автобуси- граѓаните задоволни што се решава проблемот со јавниот превоз

25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, ДУИ не се појавија на одбележувањето

Втора шанса за матурантите: Успаните, препишувачите и оние кои беа фатени со мобилен денеска полагаа државна матура

Прв починат од Западно-нилска треска, прогласена епидемија во општините каде има зарезени

МВР им влезе во трага на крадците на транформатори од Железници

Судење за пожарот во „Пулс“: Објектот нелегално бил пренаменет во дискотека

Туризмот со добар ритам- странските гости ја држат сезоната

Шенген ги кочи македонските камионџии – превозниците бараат пофер правила

СДСМ се прогласија за безгрешни: Си препишаа успеси, но заборавија дека се носители и на најголемите порази

Сe помалку венчавки, се повеќе разводи – за 8% зголемен е бројот на растурени бракови

Македонија

Кристоф Бенедиктер: Хуманизмот е императив – Европа мора повторно да научи да размислува рационално

Во време на длабоки политички и општествени поделби, војни, забрзан технолошки развој…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Во време на длабоки политички и општествени поделби, војни, забрзан технолошки развој и криза на довербата во институциите, прашањето за хуманизмот повторно станува суштинско. Што значи да се биде хуманист во свет во кој дијалогот се почесто го заменуваат поделбите, а разумот се соочува со нови идеолошки и технолошки предизвици?

На тие и низа други актуелни прашања говори проф. д-р Кристоф Бенедиктер, претседател на Европската асоцијација на истражувачи и професори, историчар и еден од современите европски интелектуалци кои особено внимание посветуваат на иднината на Европа, човековите права, слободата, демократијата и културниот идентитет на континентот.

Бенедиктер кој е лауреат на Светската награда за хуманизам за 2026 година што ја доделува Охридската академија на хуманизмот, во разговорот отворено говори за состојбите во Европа, растечката поларизација меѓу политичката левица и десница, иднината на Европската унија, војната во Украина, местото на Балканот во Европа, но и за опасностите и предизвиците што ги носи вештачката интелигенција…

Реклама

Во интервјуто Бенедиктер зборува и за тоа зошто Европа мора да ја зачува својата различност, зошто европскиот проект има потреба од реформи, како да се надминат поделбите и зошто, во ерата на вештачката интелигенција, човекот не смее да се откаже од најважната своја способност – да мисли.

Господине Бенедиктер, што значи хуманизмот за вас во денешниот се поподелeн свет?

-Хуманизмот не е идеологија, не е фиксен систем на принципи или дури догми и, секако, не е ниту религија. Напротив, хуманизмот е, како што јас го разбирам, начин на размислување, начин на гледање на светот и начин на дејствување. Како човек се справува со проблемите и опасностите, како се пристапува кон решавањето на конфликтите меѓу општествените групи, народите и нациите.

Хуманизмот функционира на мета-ниво и се определува преку мноштво способности, квалитети и доблести – намерно употребувам еден старомоден термин. Тој се заснова на образованието, познавањето на минатите настани и мисловните модели од минатите епохи, разбирањето на сегашните и минатите модели на живеење и разбирањето на мотивите на поединците и групите луѓе кои дејствуваат. Понатаму, хуманизмот се заснова на реалистичен, но истовремено емпатичен поглед кон човекот како таков, со неговите способности, силни и слаби страни. Би сакал особено да нагласам уште една суштинска основа на хуманизмот: разумот и рационалноста. Од тоа произлегува следниот важен предуслов: хуманистичкото размислување е скептично кон апсолутното, кон догмата.

Во моментов сме сведоци на апсолутизирање на поимите и целите на сите нивоа на нашиот општествен живот, при што се губи целината на мислата. Се шири радикалниот индивидуализам, а благосостојбата на општеството – на заедницата како таква – исчезнува од видик. Општествата во многу западноевропски и централноевропски земји се распарчуваат, речиси намерно се делат. Во јавниот дискурс сè повеќе се губи способноста да се разликуваат клучните и суштинските прашања.

За ова да не остане премногу апстрактно, еве еден секојдневен пример. Сосема разумни цели, кои од хуманистичка перспектива апсолутно треба да се поддржат, се претвораат во апсолути. Кој би сакал или воопшто би се занимавал со дискриминација на, на пример, транссексуалните лица? Меѓутоа, ако одеднаш се смета за дискриминација тоа што на маж кој се декларирал како жена не му се дозволува пристап во објект наменет за жени (сауна, базен итн.), тогаш нешто не е во ред во едно општество. Ако одеднаш постои догма според која елементарните и природно дадени карактеристики се само општествени конструкции, јас сметам дека тоа е сомнително. За да избегнам намерно погрешно толкување: секој човек нека се смета себеси за она што сака, но не треба преку општествен притисок или дури и со закони да присилува некого да го прифати тоа негово определување. Слободите мора да важат за двете страни. Освен тоа, прашањето на идентитетот е важно, но не може да се вброи меѓу централните прашања на едно општество. Сепак, често се стекнува таков впечаток кога се гледа агендата на активистите и академските елити, со кои политичарите се усогласуваат или дозволуваат тие да ги водат.

А она што е навистина опасно е тоа што јавниот дискурс за вакви спорни прашања е сериозно ограничен. Секој што нема „воук“ став автоматски се дискредитира како хејтер, десничар или, накратко, чудовиште, а ако е можно, се настојува да биде оштетен и како јавна личност. Тоа не поттикнува размена на мислења и ставови. Меѓутоа, признавањето дека некој има поинаков став, а притоа и понатаму да се почитува, би било пристап во хуманистичка – но, патем, и во демократска – смисла.

Дали Европа денес ги исполнува вредностите врз кои е изградена или се оддалечува од нив?

-Што е Европа? Дали зборуваме за континентот и неговите народи како целина или зборуваме за ЕУ и земјите членки на ЕУ? И што се подразбира под вредности?

Да се задржиме на тесната дефиниција: во член 2 од Договорот за ЕУ, европските вредности се дефинирани на следниов начин: Човеково достоинство, Слобода, Демократија, Еднаквост, Владеење на правото и Човекови права.

Сите овие вредности мора да се почитуваат и да се поддржуваат. И тоа е добро и исправно.

Развојот во однос на почитувањето на овие вредности не е униформен. Имаме држави како Бугарија, Романија и, до одреден степен, Италија или Шпанија, каде што може да се забележи високо ниво на корупција, делумно поврзано со организираниот криминал. Да се заземе став против актерите таму, како новинар или граѓанин, секако е опасно – владеењето на правото, на пример, не се чини дека постои во посакуваниот степен.

Во други држави, други вредности се во опасност. Повторно се навраќаме на феноменот за кој зборував на почетокот. Туркањето на поединечни вредности до крајност и нивното апсолутизирање е погрешен пат, кој на крајот го произведува токму спротивното од она што се сака да се постигне. Особено во областите на слободата, еднаквоста и човековите права, гледам опасни развои во одредени држави.

Да ги земеме Германија и Франција како примери. Во двете земји општествата се длабоко поделени меѓу левицата и десницата. На краевите на политичкиот спектар се одвива радикализација; маргините стануваат се посилни, додека политичкиот центар исчезнува. Традиционалните медиуми дејствуваат еднострано и го поддржуваат воспоставениот систем, што не би требало нужно да биде целта на независните медиуми. Во меѓувреме, новите медиуми, често интернет-базирани, ги одразуваат ставовите на маргините. Силите што се уште се на власт преземаат мерки против овие предизвици, користејќи средства што се сведуваат на ограничување на слободата на говорот. Фактот што невладините организации, кои всушност се финансирани од самите влади – како што особено е случајот во Германија – играат важна улога во тоа, е исто толку сомнителен колку што е и парадоксален.

Или да земеме една тема од областа на човековите права – тема која масовно придонесува за поделбата на општествата: масовната имиграција на муслимани. Во моментов таа не се запира сериозно, што се оправдува со аргументи од областа на човековите права и човековото достоинство. Но, дали навистина постои човеково право незаконски да се имигрира во која било земја по сопствен избор само затоа што таа нуди високи социјални бенефиции? Оваа делумно беспомошна, делумно намерна толеранција кон масовната имиграција на корисници на социјална помош, од една страна, е крајно неправедна кон луѓето кои веќе живеат во земјата и ја изградиле. Од друга страна, таа е крајно опасна кога пристигнуваат луѓе кои не ја ценат културата и традицијата на земјата-домаќин, па дури и ги отфрлаат.

Во овој контекст, би сакал да потсетам на парадоксот на толеранцијата на австрискиот филозоф Карл Попер. Тој го формулирал во 1940-тите, под впечатокот од шокантниот подем на националсоцијализмот во раните 1930-ти. Тој го поставил прашањето што се случува кога едно толерантно општество практикува неограничена толеранција дури и кон нетолерантните. Отрезнувачкиот одговор гласи: толеранцијата, а со неа и општеството што ја поддржува, на крајот ќе бидат уништени од нетолерантните.

А денес можеме да набљудуваме таков прилив на нетолерантни: масовна имиграција од Блискиот Исток и Северна Африка, од каде што луѓето носат толкување на исламот кое можеби е поблиску до првобитното толкување од VII век, но има малку заедничко со европските вредности на XXI век.

Во меѓувреме, и неколку водечки европски политичари ја препознаа опасноста. Декларацијата против неконтролираната миграција на данската и на италијанската премиерка, Мете Фредериксен и Џорџа Мелони, од вчера е најнов доказ за тоа. Нека нивните зборови бидат проследени со соодветни дејствија и нека и другите лидери ја исполнат својата одговорност во истиот дух.

И оставајќи ги настрана сите вредности: што е изгубено во размислувањето на поголеми делови од политичките елити и избирачкото тело? За да си го дозволиме „луксузот“ на дебатирање за вредности – понекогаш на прилично апстрактен и ситничарски начин – потребна е материјална основа. Европа беше успешна затоа што претставуваше технички иновации, висок животен стандард, добро управување, социјална сигурност и можност човек да изгради нешто за себе. Тоа се помалку е случај. Европа заостанува технолошки и во однос на иновативната моќ на својата индустрија. Особено во областа на софтверот и интернет-технологијата, европските играчи повеќе не постојат. Нема европски „Гугл“, „Фејсбук“, „Чет џи-пи-ти“, „Амазон“, „Епл“, „Енвидиа“, „СпејсЕкс“ или нешто слично. Како можеше да се случи ова? Каков огромен неуспех во областа на индустриската политика.

Професоре, која порака би сакале да им ја испратите на младите луѓе кои ја губат довербата во европските институции?

-Европските институции не ја одразуваат Европа во нејзината духовна длабочина, богатството на мислата и културната широчина. Затоа, најнапред неколку основни зборови. Европа е заеднички културен простор кој се развивал и диференцирал во период подолг од два милениума. Младите Европејци од Северниот ’Рт до Малта, од Португалија до Украина и Русија, секогаш треба да го одржуваат знаењето и свеста за ова заедничко културно и цивилизациско наследство. Во XX век, Европа се растргна самата себеси во две светски војни. Тоа беа братоубиствени војни. Тоа никогаш повеќе не смее да се случи.

Преку руската војна против Украина – војна во која земјите од ЕУ стојат на страната на Украина, бидејќи во моментов немаат друга можност – повторно сме сведоци на ситуација на европско самоуништување. Оваа војна ќе заврши, се надевам наскоро, но тоа нема да ја промени географијата. Русија, Украина и остатокот од европската заедница на држави ќе продолжат да постојат. Затоа мора да се најдат и да се следат патишта кон соживот. На ниво на народите, на мноштвото конкретни поединци, слепата омраза не треба да биде единствената преовладувачка емоција или единственото наследство од оваа војна. Взаемното демонизирање на цели народи – како што многу грубо се поттикнува во руските медиуми, а латентно се случува и во медиумите на многу европски држави – не смее да најде плодна почва во умовите и срцата на европските народи.

А сега за ЕУ и европските институции. Идејата за политичко и економско обединување на европските нации во основа беше голема визија и таква е и денес. За жал, денес е факт дека ЕУ како организација не ја исполнува оваа темелна идеја во мера во која тоа го посакуваат многу Европејци. Сепак, тоа е факт што не треба да не натера самата европска идеја да ја фрлиме на буништето на историјата. Идејата останува добра и вредна; меѓутоа, организацијата и нејзините институции мора да се подобрат и реформираат. Сегашната тенденција забележлива во делови од организацијата, европските национални држави и нивните народи да се потопат во некаква супердржава, е погрешен пристап. Националните држави треба и понатаму да бидат темелот на заедницата, а радоста во различноста и почитувањето на различноста треба да бидат движечката сила што не обединува сите.

Што се однесува до Балканот конкретно: од чисто политичко-стратешка перспектива, но и од гледна точка на човек на културата, Балканот е дел од Европа. Гледано на тој начин, земјите од Западен Балкан треба да бидат примени во ЕУ. Економски, како и во однос на менталитетот на политичките елити – клучни зборови се корупција и лично збогатување – апсолутно е разбирливо зошто многумина во ЕУ сепак се двоумат околу приемот на земјите од Западен Балкан во Унијата.

Покрај оваа ситуација на паневропско ниво, политичко-географското опкружување – односно балканските држави кои веќе се членки на ЕУ – делува како дополнителен фактор што го отежнува процесот. Ако бројот на земјите-членки кои добиваат средства од фондовите на ЕУ во иднина се зголеми, колачот за оние кои веќе добиваат средства ќе биде помал. Тоа може да се претпостави со одреден степен на веројатност, особено затоа што економиите на некои големи нето-придонесувачи, како Германија, се во опаѓање. Покрај ваквите прилично банални размислувања на финансиско ниво, националистички рефлекси може да се забележат и во Грција и Бугарија, кои се насочени конкретно против Македонија. Сега, за такви интереси, емоции и стратегии не би требало да има место во обединета Европа и тие всушност требаше да бидат надминати со европската интеграција. Сепак, тие се реалност. Посебната трагедија тука е што Атина и Софија успеаја да ја протуркаат својата суштински националистичка агенда, притоа маскирајќи ја пред паневропската јавност на таков начин што на крајот Македонија и Македонците се појавуваат како единствени наводни националисти во целиот регион.

Фактот што европските институции и западноевропските политичари не ја согледуваат таа игра, не им оди во прилог. Мешавина од незнаење на историјата на регионот, недостиг од познавање на актуелната состојба, идеолошка тврдоглавост и чиста рамнодушност ја сочинува основата на таквите погрешни одлуки.

Од друга страна, она што ми влева оптимизам кога патувам во регионот на Македонија, Бугарија и Грција е фактот што големи делови од населението во сите три држави не дозволуваат на меѓучовечко ниво да бидат вовлечени во негативно расположение кон соседите од страна на интригите на политичките елити.

Вештачката интелигенција брзо се развива. Кои се Вашите размислувања, дали верувате дека таа ќе го збогати човештвото или на крајот би можела да ја потисне човековата креативност?

-Таканаречената вештачка интелигенција овозможува сериозни отстапувања. Од програми кои повеќе не можат да се контролираат и самостојно донесуваат одлуки – на крајот за живот или смрт, па дури и за нуклеарни напади? Се уште не знаеме. Сепак, сметам дека последиците од секојдневната употреба на програмите со вештачка интелигенција се на крајот исто толку опасни: милијарди луѓе се сметаат себеси за „ослободени“ од „непријатноста“ на пишувањето и размислувањето. Училишни есеи, новинарски текстови, блогови, говори на политичари, па дури и академски трудови се создаваат за неколку секунди. Запишувањето на сопствените мисли подразбира дека токму тие мисли се доведуваат во ментален ред и повторно се преиспитуваат. Ако имате текст генериран од вештачка интелигенција, од творец се претворате во обичен примател. Самото тоа е незадоволително. Но, ако потоа ви недостигаат и интелектуалните и образовните алатки за да го оцените она што е генерирано за вас и да ја проверите неговата веродостојност и нагласеност, тогаш се отвораат вратите за интелектуално опаѓање на цели култури. Така, вештачката интелигенција има потенцијал да стане првата иновација која нема да го направи човештвото како целина попаметно – како што тоа беше случај со печатарската преса или, ако сакате, со Интернетот – туку поглупаво.

Сега веќе има малку сомнеж во однос на фундаменталното влијание што широката употреба на вештачката интелигенција го има врз светот на работата. Единственото прашање е колку брзо и која област во рамките на професиите поврзани со пишувањето ќе биде погодена од овие последици. На хоризонтот се појавува академски пролетаријат, кој би можел да предизвика масовни потреси во погодените општества. Зашто не помалку интелигентните, слабо образованите и затоа немоќните се тие кои се туркаат во социјална и материјална борба за опстанок.

Истовремено, мораме да сфатиме дека – како и кај сите технолошки иновации – духот веќе излезе од лампата. Иновациите и развојот што се движи напред не можат да се вратат назад. Сите ограничувања на истражувањето и развојот исто така мора внимателно да се разгледаат, со мерење на сите последици. На крајот, ако ние на Запад не развиваме и не унапредуваме нешто, без разлика колку опасно може да биде, глобалните конкуренти како Кина или Русија во овој момент сигурно ќе го направат тоа. И тие нема да се двоумат да ја свртат таа новина против нас. Вештачката интелигенција затоа е факт, а истовремено претставува сериозна закана за нашите општества. Затоа итно е неопходно да размислиме за нејзината природа, како и за стратегиите со кои ќе се спротивставиме на нејзините негативни аспекти.

Охрид е место каде што повеќе од две илјади години се среќаваат различни цивилизации, религии и култури. Што за Вас значи тоа што токму во Охрид ја добивте Светската награда за хуманизам?

-Голема чест и лично задоволство е што Охридската академија на хуманизмот ме прогласи за достоен да ја добијам оваа награда. Во свет како денешниот, поголем степен на хуманизам е императив од кој ниту еден разумен човек не може да се огради. Би сакал да изразам најголема почит и благодарност до сите оние големи луѓе кои ја создадоа оваа академија и ја одржуваат со својата работа.

Што се однесува до самиот Охрид, за ова посебно место има многу што да се каже. Сепак, ќе се обидам да бидам краток: Охрид е едно од оние места каде што творечки, каде што учени луѓе работеле во текот на долг период и во различни епохи – и продолжуваат да работат. Градот поседува внатрешна аура која овозможува духот и културата повторно да се создаваат. Аура што делува така што луѓето одново и одново го преземаат факелот и го носат понатаму. Свети Климент и Свети Наум, кои пред повеќе од 1.100 години ја запалиле светлината со својата книжевна школа, за мене го означуваат почетокот на оваа духовна и интелектуална историја на Охрид.

Тука текот на културата и историјата бил насочен по нов пат. Зашто токму тука Свети Климент и Свети Наум му дале на христијанството на Балканот словенски идентитет, а на Словените на Балканот им го дале нивниот христијански идентитет. Во Охрид и во манастирите околу езерото, според традицијата, се образувале 3.500 свештенослужители. Теолошките текстови биле преведувани на словенски јазик од грчки, латински и еврејски, а луѓето пишувале со своето словенско писмо – најнапред со глаголицата, а подоцна со кирилицата. Биле поставени темелите врз кои, според човечките мерила, можело да се издигне нешто вечно. Зашто од тој момент, христијанската и словенската култура на Балканот се спротивставувале на сите обиди за духовно освојување. Ниту исламот како долгорочен контрамодел, ниту комунизмот како краткорочен уништувач не успеале да ја погодат или скршат суштината на балканско-словенскиот дух.

Како историчар, природно е ваквите факти да ме импресионираат. А кога местото каде што се случиле импресивни нешта пред неизмерно долго време и денес се одликува со убавина и посебна атмосфера, тогаш тоа е уникатна карактеристика и среќна околност што ретко се среќава во светот. Можеби оваа фасцинација што ја чувствувам кон Охрид се должи и на фактот што културата и природата тука стапиле во посебна врска. Зашто езерото, пределот во кој е сместено, флората и фауната се подеднакво важна компонента на магијата што произлегува од Охрид. Затоа, зачувувањето на градот, езерото и пределот за идните генерации треба да биде највозвишената цел на сите оние кои се одговорни за нив, како и на жителите на Охрид.