Изградбата на новата Клиничка болница во Штип е еден од најголемите владини приоритети, посочи министерот за здравство, кој заедно со претставници на Светската банка, Европската инвестициска банка, Владата и Општина Штип го разгледуваше концептот за тоа како да се надмине застојот и повторно да се активира изградбата на овој капитален проект.
Досега се реализирани околу 30% од финансиската вредност, а за негово завршување и целосно опремување се предвидени 109 милиони евра. Во следните два месеци ќе заврши ревизијата на досега изведените работи, по што ќе биде распишан меѓународен тендер за избор на изведувач.
Изјава – Сашо Клековски, министер за здравство

„Ќе работиме со компании со меѓународна репутација и капацитет да ја завршат работата. Мора да кажам дека сега имаме и одредено искуство со реконструкција на оперативните блокови во „8 Септември“ и во Клиничкиот центар, кои се најсензитивниот и најскапиот дел во овој зафат, така што мислам дека можеме да донесеме мудри одлуки за да нема проблеми како што имаше во претходниот период со изведувањето на работите“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.
Во меѓувреме, во болницата се санираат последиците од невремето. Главниот влез сè уште е затворен, а пациентите со скршеници и понатаму се упатуваат во другите здравствени центри. Според првичната проценка, штетата на кровната конструкција ќе изнесува неколку милиони денари.
„Чекаме извештај од осигурителната компанија и уште една проценка, затоа што по првиот чин од невремето, секако се појавуваат и други делови и работи кои треба да се реконструираат. Тоа се однесува на кровот на третиот спрат, каде што е сместено Ортопедското одделение и ортопедската сала, како и Единицата за интензивно работење и Кома центарот. Тие се оштетени бидејќи останаа без кров“, изјави д-р Билјана Ефтимова, заменик-директор на КБ Штип.
Со изградбата на новата Клиничка болница, источниот регион ќе добие современ здравствен центар, а проблемите со условите во кои денес работат дел од одделенијата ќе бидат минато. Новиот објект е во фаза на затворена карабина, со речиси завршена фасада и најголем дел од инсталацијата.
Дел од старите објекти кои се наоѓаат во болничкиот двор ќе бидат срушени, а други целосно реновирани.
