Од блокирана општина до големо градилиште. Делчево во моментот реализира 14 капитални проекти, а само преку двата владини повика финансирани со унгарскиот кредит во општината се инвестираат околу 150 милиони денари.
Меѓу позначајните проекти кои ќе го променат изгледот на градот се реконструкција на улица во населба Расадник, изградба на кеј на реката Брегалница, како и асфалтирање и реконструкција на повеќе улици. Механизацијата е на терен, а од општината најавуваат дека до крајот на август ќе заврши најголемиот дел од актуелните градежни активности.
„Тоа што имавме можност денеска со претседателот на Владата да го посетиме е реконструираната Индустриска улица. Беа потрошени над 11 милиони денари. Паралелно на тоа, претходно беше комплетно изградена водоводна и канализациона мрежа во висина од 10,5 милиони денари и, секако, улици во централното градско подрачје кои дополнително ќе ја зголемат вредноста на самото земјиште во градот и ќе предизвикаат нови можности за евентуални инвестиции. Таму, исто така, се потрошени над 10,5 милиони денари“, изјави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.

Паралелно со инвестициите, општината работи и на стабилизирање на финансиската состојба. Долгот кој некогаш изнесувал 190 милиони денари, сега е намален на околу 35 милиони денари. Со поддршка од Владата, локалната власт очекува годинава конечно да ја деблокира општинската сметка и целосно да ги надмине финансиските проблеми од минатото.
„Имаме блокирана сметка, работиме активно за надминување на сите проблеми коишто се настанати поради извршни решенија кон Општина Делчево во минатото, но да кажам дека долгот што изнесуваше над 190 милиони, сега е 35. Со поддршка од премиерот и Владата наскоро ќе најдеме решение за конечно да го сервисираме“, изјави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.
Претходно беше целосно реконструиран Спомен-домот на Разловечкото востание, а наскоро се очекува и реконструкција на спортската сала. Дополнителен импулс за развојот на регионот ќе даде и изградбата на експресниот пат Кочани – Виница – Делчево, за кој, според најавите, следната година ќе биде распишан тендер за избор на изведувач.
