Западно-нилската треска го вклучува алармот кај здравствените власти. За само една недела осум нови случаи од кои кај пет е потврден вирусот а за три се очекува да се потврди. Само двајца од нив патувале надвор од земјава остантите вирусот го добиле дома. Еден повозрасен 76 годишен пациент е со тешка клиничка слика, на респиратор и е во критична состојба. Останатите пациенти имаат развиено невроинвазивна форма на инфекција, која е потешка клиничка слика на болеста. Директорот на инфективната клиника Фадил Цана вели дека треба да бидеме многу внимателни бидејќи според него веќе имаме заразени комарци од вирусот во земјава.
–Најважното што треба да се каже е кај повеќето од овие пациенти епидемиолошката анкета е негативна што значи дека пациентите не патувале надвор од земјава туку инфекцијата ја стекнале автохтоно, значи инфекцијата е стекната во државата–истакна директорот на инфективната клиника Фадил Цана.

Инаку сите пациенти се од Скопје од различни населби а најголемиот дел од нив се на возраст меѓу 60 и 70 години. Вирусот на западно нилска треска има инкубација од 7 до 14 дена и во зависност од симптомите може да помине асимптоматски но може и да се јават симптоми и ако не се побара навреме лекарска помош може да се развие тешка инфекција на централниот нервен систем.
–Кај сите овие пациенти кои се хоспотализирани на Клиниката за инфективни болести имаат вирусно воспаление на мозокот и мозочните обвивки што значи дека кај повеќето од нив соодветно е потврдено присутво на вирусот западен нил–истакна директорот на инфективната клиника Фадил Цана.
Директорот апелира доколку почувствувате силна главоболка, треска, висока температура, конфузност веднаш да се побара помош на инфективната клиника за да не дојде до потешки форми на болеста.
Се очекува да заседава и Комисијата за заразни болести за да даде препораки до населението како да се заштитат од западно нилската треска. Вирусот се пренесува само од заразен комарец и не се пренесува од човек на човек. Инаку министерот Клековски информираше дека досега во земјава се евидентирани четири случаи на маларија, три на денга, еден на зика и осум случаи на западно-нилска. Инаку првиот случај на западно-нилска треска беше 55 годишен маж од Велес во мај оваа година и воедно прв случај на ниво на Европа.
