Невремето што вчера го зафати истокот зад себе остави сцени како по апокалипса. Летаа кровови и огради, паѓаа дрвја, беа блокирани сообраќајници, поплавени домаќинства и оштетени автомобили. Поради скинати електрични кабли, без струја останаа Чешиново-Облешево, Кочани и Свети Николе, а дел од нив останаа и без водоснабдување. Во Облешево се запали бензинска пумпа, но огнот брзо беше локализиран. Денеска состојбата во погодените општини постепено се нормализира. Екипите на јавните претпријатија се на терен, се расчистуваат последиците и се санираат штетите. Во Штип, освен Клиничката болница, оштетени се и делови од крововите на основно училиште и градинка. Од Општината апелираат граѓаните да ги пријавуваат штетите, за да може да се направи проценка и да се преземат мерки.
„Граѓаните пријавуваат и врз основа на тоа ќе се продолжи во понатамошната фаза. Врз основа на законските обврски и можности што ги имаме, секако во комуникација со сите надлежни институции. Овде ќе спомнам дека и како ЗЕЛС ќе се комуницира на оваа тема, како и на кој начин ќе се продолжи понатаму, затоа што не е оштетен само приватен имот, туку имаме оштетени и јавни институции, за кои имаме обврска да интервенираме и да ги доведеме во состојба на функционалност“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Дождот што повторно врнеше во текот на ноќта не предизвика дополнителни проблеми во штипската Клиничка болница, освен протекување во операционата сала, која од силното невреме остана без дел од кровната конструкција. Во моментот на оштетувањето на кровот над Одделот за ортопедија и ортопедската операциона сала, таму имало дваесетина пациенти, кои веднаш биле прераспределени во другите одделенија. Екипи уште од вчера работат на расчистување и обезбедување на оштетениот дел од кровот, а денеска продолжува отстранувањето на паднатиот градежен материјал. Се проценува штетата и се реорганизира работата. До целосно санирање, пациентите со скршеници ќе бидат упатувани во други здравствени центри. Од болницата велат дека во следниот период ќе има прилагодување на работата, но итните случаи и веќе закажаните пациенти ќе бидат третирани.

„Прво треба да видиме каква штета има нанесено невремето. Ќе има преструктуирање во работењето на болницата, но оние пациенти кои се итни и веќе закажани, секако дека ќе ги опслужиме“, изјави д-р Билјана Ефтимова, заменик-директор на штипската Клиничка болница.
Орканскиот ветер со брзина до 134 километри на час предизвика голем пустош во повеќе делови од земјата. Невремето ги зафати и Пробиштип, Виница, Радовиш и Струмица, а во понеделникот на удар на силниот ветер беа Делчево и Дојран.
