– Добитникот на наградата „Мето Јовановски“ за 2026 година, актерот Тони Наумовски, оценува дека актерите од Балканот мора да вложат значително повеќе труд за да бидат рамноправни на меѓународната сцена нагласувајќи дека зад секоја улога стојат повеќекратни кастинг-кругови и конкуренција од илјадници кандидати од целиот свет.
Наумовски, кој повеќе од две децении живее и работи во Њујорк, вели дека за актерите од регионот почетната позиција никогаш не е иста како за нивните колеги од големите филмски пазари.
– Секој од Балканот треба да вложи трипати повеќе труд за да има еднаква шанса или стартна позиција. Секоја улога најчесто се добива по седум или осум круга кастинг во маратон со неколку илјади брилијантни колеги од целиот свет. Да се биде врвен професионалец не е прашање, туку суштината на еден уметник – вели Наумовски..

Наумовски дипломирал актерска игра на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, а се усовршувал на Институтот за театар и филм „Ли Стразберг“ во Њујорк. Има остварено улоги во сериите The Blacklist, Blindspot, The Equalizer, FBI: Most Wanted, The Endgame и The Night Agent. За главната улога во македонскиот филм „Лена и Владимир“ доби повеќе меѓународни награди за најдобар актер.

Осврнувајќи се на признанието „Мето Јовановски“ на Фестивалот на балканскиот и медитеранскоти филм „Преку езерото“, Наумовски вели дека наградата има посебно место во неговата кариера.
– Има огромно значење, особено затоа што ми е прва актерска награда во Македонија и затоа што го носи името на Мето Јовановски, голем мајстор, кој играше во лига на светски шампиони. Неговата вредност и влијание биле, се и ќе останат трајно културно наследство за сегашните и идните генерации – вели Наумовски.
Според него, Фестивалот испраќа силна порака дека уметноста треба да создава мостови меѓу луѓето и културите. – Суштината на нашето постоење како уметници е да спојуваме, зближуваме и просветлуваме. Делото е поголемо од секоја наша индивидуална амбиција – нагласува Наумовски.
Во интервју за МИА тој вели дека и по речиси 700 аудиции и повеќе од 250 одиграни улоги во театар, филм и на телевизија, сè уште се чувствува како „вечен студент на животот“, убеден дека актерот никогаш не смее да престане да учи, да се надградува и да ја истражува сопствената професија.

Во продолжение следува целото интервју со македонскиот актер Тони Наумовски:
Какво значење има за Вас наградата „Мето Јовановски“ за 2026 година и како го доживувате творечкото наследство на актер чие творештво претставува трајна вредност за денешните и за идните генерации?
– Наградата има огромно значење, особено затоа што ми е прва актерска награда во Македонија и секако што го носи името на Мето Јовановски, еден голем мајстор, кој играше во лига на светски шампиони. За жал, никогаш немав можност да соработувам со него, но секогаш уживам, се радувам и им се воодушевувам на неговите маестрални актерски остварувања. А неговата вредност и влијание, биле, се и ќе останат како трајно културно наследство за сегашни и за многу идни поколенија. Бескрајна благодарност на неверојатниот Јани Бојаџи и на прекрасната екипа на фестивалот„ Преку езерото“ за ова исклучително призанание.
Што за Вас значи тоа што наградата ја добивате на Фестивалот „Преку езерото“, кој годинава, со фокусот на иранската кинематографија, дополнително отвора простор за дијалог меѓу разни филмски традиции?
– Се чувствувам понизно, почестено и привилегирано, мотивирано, длабоко емотивно и возбудено. Самото име на фестивалот „Преку езерото“ носи една метафора на мостови, кои ние треба да ги градиме во уметноста. Суштината на нашето постоење како уметници е да спојуваме, зближуваме и да просветлуваме, без разлика каде е тоа преку и што е од другата страна и да разбереме дека делото е поголемо од секоја наша индивидуална амбиција. Се радувам и не случајно ја добивам оваа награда токму на овој фестивал затоа што целиот мој живот сум некаде или од некаде ПРЕКУ, а исто така и мојот најомилен филмски режисер е токму Иранецот Асгар Фархади.
Како еден од малкуте актери од регионот што континуирано успеваат да го привлечат вниманието на американскиот пазар ниво повеќе кастинг-кругови дали сметате дека актер од Балканот мора да вложи повеќе труд за да биде забележан или пресудна е високата конкурентност, која од секого бара да стане врвен професионалец, односно working actor?
– Секој од Балканот треба да вложи трипати повеќе труд за да има еднаква шанса или стартна позиција, а особено ние актерите, при што постојано под лупа се нашиот изглед, говор, акцент, карактер итн. Затоа, секое постигнување на нашите колеги, од тука и од регионот, има многу поголема вредност и значење. Се поминува низ сито и решето. Секоја улога е добиена, најчесто по 7-8 круга на кастинг и во маратон со неколку илјади брилијантни колеги од секаде од светот. А да се биде врвен професионалец не е прашање, туку суштината и смислата на еден уметник. Посветеноста, надградувањето, етиката, дисциплината, енергијата, психичката и физичката кондиција, елоквентноста на телото, интелектот и духот, треба секогаш да бидат на маестрално ниво. И покрај искуството од речиси 700 аудиции, изиграно 253 улоги во театар, филм и на телевизија, јас сум неуморно посветен и со ист жар и љубопитност на вечниот студент на животот.
Дали сметате дека го имате остварено својот сон и која е цената што човек ја плаќа за остварувањето на соништата? Што добивте, а што изгубивте на тој пат?
– Да, одамна го имам остварено својот сон, без да си ја продадам душата. Цената и жртвата се немерливи, емотивно, физички, психички. Но и наградата е непроценлива, а за награда се добиваш самиот себе – со својата будност, со свој потпис, со маестрална подготвеност да играш и да пливаш во најдлабокото. Комплетна свест и луцидност за себе и околу себе. Загуба нема, има само добивка и повисоки димезнии на тие добивки. Сè е процес на обликување на твојата личност.

Имате одиграно десетици улоги на разни јазици и во разни продукции. Каков е Вашиот пристап кога работите во разни контексти и колку е можно да се постави јасна граница меѓу актерот и ликот? Успевате ли улогите да не ги носите дома, односно да не стануваат дел од Вашиот приватен живот, и дали воопшто е можно кон глумата да се пристапува толку „занаетчиски“, а притоа да се изгради навистина длабок и повеќеслоен лик?
– Јасна граница меѓу актерот и ликот е парадокс. Секогаш е на линија. Затоа што ликот доаѓа од самиот актер. Јас сум творецот на ликот и изворот на ликот, кој се скулптурира преку долготраен процес на активна анализа и повеќедимензионална трансформација. Секогаш е предизвик да се открие дали ликот ме привлекол мене и јас ликот, што учам од тоа патешествие токму во тој момент, кое парче од мозаикот на моето постоење и смислата за него треба да се открие. Сè уште барам начин улогите да не ги носам дома и насекаде, но сè повеќе наоѓам некоја рамнотежа и мерка. Можеби е можно кон актерството да се пристапува толку занаетчиски, а притоа да се изгради навистина длабок и повеќеслоен лик, но јас лично до овој момент не сум го пронашол тој начин.
Која е Вашата порака до младите македонски актери, кои сонуваат за интернационална кариера?
– Стремете се кон совршенство. Бидете постојано подготовени. Работете на себе. Надградувајте се неуморно. Говорете ја вистината како на сцена, пред камера, така и на улица. Станете човечки полиграф. Негувајте ја светлината во себе. Бидете она што Бог ви го дал да сте, извондредни, не просечни. Бидете точно она што сте затоа што вие ни требате, а не имитација. Ви сте најважни со вашата посебност.. Служиме на нешто што е поголемо од секоја наша индивидуална амбиција – делото. Никој ништо не ни должи, освен самите на себе да сме секогаш подобра верзија од претходниот миг. Живејте во прашањата, не во одговорите. Немојте да живеете ниту со духовите од минатото ниту во сенка на иднината, а да бидете мигот. Создавајте вечност со секој здив. Бидете љубопитни. Неограничени. Негувајте го детето во себе. Немојте да сте арогантни, ниту лажно скромни. Слушајте ги сите, но чујте само неколку. Не рециклирајте се. Секоја улога има поинаков и друг извор и свој единствен пат на трансформација. Играјте, немојте да глумите. Поддржувајте се едни со други и немојте да си ја продадете човечноста… Тука сум секогаш за вас. Да ве заштитам, да ви се радувам, да ви се вооудушевувам. Прекрасни сте. Копајте длабоко. Со главата во ѕвездите, со нозете на земјата. Со благослов да биде сè што правите и сè што ќе наумите да правите.
