Реклама

Вечерва во Дојран свечено ќе биде затворено петтото издание на фестивалот „Преку Езерото“

Црквата во струмичко Бајково спасена од пожарот

Тешко до нов изборен законик: Македонија си има работа со незрели и неодговорни политичари од опозицијата

Мерки за нелогичните поскапувања – Владата анализира

Аналитичарите децидни: Бојкотот на опозицијата ја кочи реформската агенда на Владата

5,4 милиони евра за 1400 нови вработувања

Мицкоски: Од понеделник се намалуваат акцизите за горивата, се бараат начини да поевтини струјата

Државата плаќала, Мирчевски приватно летал и се возел – обвинение за екс-директорот на СОЗР

ИЈЗ отвори психолошко советувалиште за деца и адолесценти, но и за родители и наставници

Штип го добива првиот центар за рехабилитација за деца и младинци со попреченост

Тричлено меѓународно жири ќе ги избере лауреатите на фестивалот „Преку езерото“

Клековски со амбициозен план: Целосна трансформација на македонското здравство

Култура

Бојаџи: „Преку езерото” пополнува 35-годишна празнина во културно-уметничката понуда на југоистокот

Дојран и целиот југоисток на земјата заслужуваат да имаат културно-уметничка понуда по…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Дојран и целиот југоисток на земјата заслужуваат да имаат културно-уметничка понуда по примерот на Охрид и Охридското културно лето бидејќи, освен туризам, тука нема што друго да се развива. Ова го нагласи Јани Бојаџи, директор на Фестивалот за медитерански и балкански филм „Преку езерото“, во пресрет на синоќешното доделување на фестивалските награди.

– Тешко е да се прави фестивал, но можеби уште потешко е тоа да се работи во југоисточниот дел на Македонија, каде што 35 години културата и уметноста биле исклучени од секојдневниот живот на населението во 1/3 од државата. Ние сега го даваме најдоброто од себе да пополниме празнина, која е создавана 35 години и, за среќа, тоа оди многу бргу бидејќи тоа е публика што знае што сака и знае што е добро. Очекувам уште поголема поддршка од сите локални самоуправи во регионот. Градоначалникот на Дојран за в година ја најави новата поддршка и се договоривме веќе од септември да седнеме и да го направиме проектот за в година, така што убеден сум дека ќе растеме и ќе се развиваме, едноставно затоа што немаме друг избор – смета Бојаџи.

Реклама

Според него, на Кожуф, на Беласица и во Дојран, освен туризам, нема што друго да се развива.

– Ние не можеме да развиваме туризам ако не понудиме содржина. Да си поставиме прашање: Што ќе остане од градот Охрид ако го исклучиме фестивалот Охридско културно лето? Нема да остане ништо. Значи, во Охрид 66 години се вложуваат милиони евра и се носат најголемите уметници од целиот свет за да заживее Охрид како културно средиште. Сега е ред и овој дел од Македонија да го добие својот дел, општеството да инвестира во развојот на културни, уметнички содржини, ако воопшто имаме идеја да развиваме туризам, а тука и немаме што друго да развиваме – вели Бојаџи.

Тој се надева дека в година фестивалот „Преку езерото“ ќе добие уште поголема поддршка од државните институции, локалната самоуправа од регионот, како и од локални бизниси и општествено одговорни компании.


На затворањето на фестивалот „Преку езерото“ се обрати и градоначалникот на Дојран, Илија Тентов, кој им се заблагодари на сите учесници.

– Посебна благодарност упатувам до директорот на Фестивалот и до жирито, до сите учесници и сите што директно или индиректно го поддржаа овој фестивал. Со големо нетрпение го чекаме наредниот фестивал  в година за да се дружиме повторно – рeче Тентов.

Првпат на годинешното петто издание на „Преку езерото“, југоистокот со три града – Дојран, Гевгелија и Струмица, беше средиште на филмските случувања, а беа прикажани педесетина филма.

Кипарскиот филм „Држи се за мене“, кој го отвори петтото издание на Фестивалот „Преку езерото“, ја доби Гран при наградата за најдобар филм на Медитеранот. Одлуката на вчерашното свечено затворање на фестивалот ја соопшти меѓународното жири, составено од тројца членови – Мирослав Митиќ – српски сценарист, продуцент и режисер, Елеонора Венинова -0 сценарист и режисер и Емили Ришел – француска филмска програмерка.

– Само што дојдов од пат во Азија и го добив овој прекрасен повик дека нашиот филм добил гран при на Фестивалот. Ова е толку голема чест, многу сум благодарна. Сакам да му се заблагодарам на програмскиот тим што го селектира филмот за да го прикаже пред публиката во Македонија. Секако, и на жирито што ни ја додели наградата, тоа многу ни значи. Не е лесно да се создаде долгометражен независен филм, но ова ја одржува нашата верба во уметноста и во филмот – изјави во своето видеообраќање режисерката на „Држи се за мене“, Мирсини Аристиду. 

За овој филм меѓународното жири ѝ додели специјално признание на Марија Петрова, која го игра детскиот главен лик во „Држи се за мене“, за нејзината изведба во која внесува извонредна емоционална искреност, природност и автентичност во филмот создавајќи лик чие присуство ја збогатува секоја сцена и го зајакнува емоционалното срце на приказната.

Специјално признание од Советот на фестивалот доби иранскиот филм „Коцкарот“ за исклучително креативно достигнување и вонредни продукциски околности, издржливост и посветеност, остварени во особено тешки продукциски услови за време на актуелната војна во Иран.

За најдобра кинематографија на медитерански филм, меѓународното жири му ја додели наградата на Душан Кардалевски за филмот „Кома“.

– Голема благодарност до Агенцијата за филм, која ни овозможи да го снимиме филмот, исто така до селекторот на фестивалот, кој го донесе филмот овде да се прикаже, до целата организација на Фестивалот. Оваа награда не е само моја, тука на целата екипа и секако на режисерот на филмот, Агим Абдула – рече Кардалевски.

За најдобра актерка беше прогласена Пламена Гетова од бугарскиот филм „Плот“ за нејзината изведба, во која, како што наведоа од жирито, се огледува искреност, емоционална прецизност и човечност. Наградата во нејзино име ја прими продуцентот на „Плот“, Николај Мутафчиев.


Гостинот на Фестивалот од Белгија, Јаник Рение, се закити со признанието за најдобар актер за улогата во филмот „Одразот во мртвиот дијамант“. Посебно беше издвоена и режисерската двојка на истиот филм, Елена Кате и Бруно Форцани, на кои Фестивалот им оддаде признание за извондредни достигнувања во режирањето. 

– Навистина е неочекувано да добијам награда за најдобар медитерански актер кога доаѓам од областа на Северното Море, но сепак беше уникатно искуство да се игра во овој филм и затоа многу ви благодарам за наградата – рече Рение.
Наградата за најдобар режисер на Медитеранот ја понесе српскиот режисер Александар Радивоевиќ за „Кармадона“, а жирито истакна дека го наградува за храбра и оригинална режисерска визија. 

Ова е прва награда за режија што сум ја добил во животот и многу ми е драго што ја добив на вакво убаво место и се надевам нема да ми биде последна. Ви благодарам неизмерно – изјави Радивоевиќ во своето обраќање пред публиката.

Филмот „Кармадона“ се закити со уште една награда – за најдобра филмска музика, дело на Ѓорѓе Миљеновиќ, познат и како Скај Виклер.

– Од сите признанија во животот што сум ги добивал, најдраги ми се оние што доаѓаат од Македонија, особено кога се за мојата музика, така што голема благодарност до целиот Фестивал, а посебно до режисерот Александар, кој го сметам за најдобар режисер на сите времиња, со кого ми е исклучително задоволство да работам – рече Миљеновиќ во своето видеообраќање. 


Специјално признание му се оддаде и на филмот „Чекајќи го возот“ од Словенија за неговото суптилно раскажување приказни и исклучителна емоционална автентичност. Наградата за најдобар медитерански краток филм ја доби „Антигона“ на Ибер Деари и Мирсад Абази, кој со извонредна уметничка зрелост претвора една безвременска класична тема во современо филмско искуство.

На крајот од Фестивалот менторoт на работилницата за развој на дипломски и дебитантски краток филм, Дејан Милошевски, и директорот на Фестивалот, Јани Бојаџи, го прогласија Горан Трифуновски од бендот„Пеперминт“ за годинешен добитник на грант за развој и продукција на дебитантски краток филм. 

На фестивалското издание, кое траеше од 8 до 15 јули оваа година, наградата за високо актерско остварување „Мето Јовановски“ му се додели на македонскиот актер Тони Наумовски. 

МИА