Вкупно 140 барања за обештетување се пристигнати до Општина Струмица, откако минатиот месец регионот беше погоден од поплави. По обилните дождови, реките се излеаја и поплавија ниви, оранжерии и бачила. Според првичните проценки, најголеми штети претрпел сточар од Костурино, каде Тркањска Река му го однесе речиси целото стадо овци и јагниња. Големи штети имаат и земјоделците во Муртино, Банско и Сачево, каде најпогодено е производството на пролетната зелка.
„По првичните проценки комисијата утврди дека најголема штета има кај граѓаните во населените места Муртино, Банско и Сачево и тоа кај пролетната зелка… Во населеното место Костурино имам информации дека има угинато поголем број животни, кои се констатирани со записник“, изјави Емилија Пандева, советник за нормативно-правни односи во Општина Струмица.
Комисијата веќе е на терен и го утврдува степенот на оштетеност, информираат од општината. По изготвувањето на извештајот, истиот ќе треба да биде усвоен од Советот на Општина Струмица. Конечната висина на штетите ќе биде утврдена по целосната проценка на терен.

„Комисијата веднаш пристапи на терен за процена, по што ќе констатира степен на оштетеност и согласно методологијата за процена на штети од природни непогоди ќе изготви извештај кој ќе треба да биде усвоен од Советот на Општина Струмица“, изјави Емилија Пандева, советник за нормативно-правни односи во Општина Струмица.
Поплавите што го зафатија струмичкиот регион на 26 и 27 јануари оставија пустош, по што општинските власти веднаш излегоа на терен и со механизација ги чистеа поплавените подрачја. За обновување на стадото во Костурино е ветена помош од општествено корисни компании и Министерството за земјоделство.
