Речиси сите пожари се ставени под контрола. Активни се четири огнени стихии на територијата на Македонија, под контрола се шест пожари, локализирани и изгаснати се четири, информираат од Центарот за управување со кризи. Сè уште гори во Чучер Сандево, Николич, под Солунска глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина дупка, нема активен пламен, има само чад во карпестиот дел, пламени јазици има во околината на Куманово гори ниска вегетација.
Од ЦУК алармираат дека Куманово и централна Македонија се под најголем ризик од пожари.Од таму појаснуваат дека горливите точки се автоматски детектирани преку сателитски сензори и укажуваат на потенцијални активни пожари или извори на топлина на територијата на државата.
По пожарите – зачестија и пријавите за потпалувачите. Седуммина се приведени за предизвикување општа опасност за неколку дена од избувнувањето на големите пожари во околината на Скопје, но и во останатите делови на Македонија. Вчера е приведен 74-годишен жител на Мала Речица, кој на својата нива во Тетово, вршејќи земјоделски работи, на неколку места на нивата запалил сува трева и отпадоци. Огнот на нивата бил изгаснат од страна на противпожарната единица Тетово, а против тетовецот ќе биде поднесена кривична пријава за предизвикување општа опасност. Претходно беа уапсени двајца коишто полициска патрола ги фатила како палат кабли во близина на сува трева и дива депонија меѓу скопските села Кадино и Миладиновци, со што е предизвикан мал пожар. Со брза реакција пожарот е изгаснат.
Во полиција завршија и тројца малолетници, странски државјани, во близина на месноста Ајватовски рид кај населбата Илинден во рамки на засилените полициски активности во врска со пожарите во Скопскиот Регион.

