Педесетина постојани и уште толку повремени жители од долненското село Рилево, веќе две и пол децении чекаат некоја власт да се смилува и конечно, во 21 век да им го направи патот кој по проект им бил ветен уште во 2000-та година. Гневни се на градоначалникот, инаку од редовите на ДУИ бидејќи, како што велат, иако многу им ветувал, сепак, тој ништо не направил. Велат дека овие фамозни четири километри пат за нив се единствената порта за влез во светот. Но, бидејќи се во очајно лоша состојба, во селото не сака никој да доаѓа, ниту Брзата помош, ниту Пожарната, ниту пак таксистите, иако им наплаќале дури и по 25 евра во еден правец.
„Ако тие не дојдат, ние со наши возила се снаоѓаме некако. Мора да му спасиме живот на човекот. Противпожарната единица не можеше да дојде и минатото лето ќе изгореше цело село заради патот од 4 км што е. Такси- службата доаѓа за надокнада од 1500 денари за 20 км до Прилеп…можам да те носам, вика, до Ропотово, за Рилево понатаму, снаоѓај се како знаеш“, рече Благоја Димески, жител на с. Рилево.
Рилевчани раскажуваат дека во селото има 60 активни струјомери и 40 приклучоци за вода, а има и 200 глави овци, како и 50 глави крупен добиток. Велат, природата им дала се’, ама ете, само локалната власт не сака да им го направи патот кој пак, е основниот предуслов за селото уште повеќе да заживее. Единствената надеж ја гледаат во актуелната централна власт.

„Почитувани политичари, почитувани водачи, почитувани одговорни државни институции, не бараме луксуз ние во ова наше село. Ние бараме основна цивилизациска придобивка. Значи, комуницирање со цивилизација. Бараме пат, кој е планиран да се прави пред 25 години, а не е направен…Основното нешто кое што треба да го има секој жител на оваа држава: пристап до цивилизација, пристап до државни институции, пристап до здравствени институции и.т.н.“, рече Злате Ѓеорѓиески, претседател на МЗ на село Рилево, о. Долнени.
Инаку, селото Рилево се наоѓа на само неколку километри од општината Долнени и е населено исклучиво со македонско население. Во него се наоѓа и Манастирот „Св. Атанасиј“ кој датира од 1395 година и е под заштита на државата што уште повеќе ја потврдува нужноста од итна изградба на патот, велат мештаните. Според нив, ако постоечкиот проект бил веќе застарен, тогаш бараат – со интервенција на централната власт, тој или да се ревидира, или пак, да се изготви комплетно нов проект кој би одговарал на моменталната состојба и сегашните 4.000 метри колски пат, конечно да бидат асфалтирани.
