Реклама
Прилози

За прв пат надвор од Скопје извршени се три многу сложени операции – Прилепската болница е пиониер, но и надеж за прилепчани

        За само еден месец, во прилепската Општа болница, за првпат се…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

        За само еден месец, во прилепската Општа болница, за првпат се изведени дури три животоспасувачки сложени операции. Последната е од само пред неколку дена кога на млад 29-годишен пациент, после доживеан мозочен удар, не само што му е спасен животот, туку тој нема да има и никакви здравствени последици. Сложениот оперативен зафат го изведоа лекари од прилепската болница.  Претходните две операции пак, беа сложени хируршки интервенции на р’бетниот столб на лумбалниот сегмент, и двете реализирани под водството на д-р Игор Мерџаноски од Клиниката за ТОАРИЛУЦ и претставуваат први операции на р’бет изведени надвор од Скопје и Охрид и се значаен здравствен исчекор за регионот.

„Со дисперзијата на здравствените услуги од терциерно кон секундарно ниво, ја зајакнуваме децентрализацијата и ја враќаме довербата во здравствениот систем. Овој значаен потег овозможува пациентите да ја добијат потребната нега во својата матична установа со што се намалува времето на чекање во другите болници, и се редуцираат финансиските трошоци и товарот врз пациентите. Нашата визија е ваквите интервенции да станат редовна и стандаризирана практика во нашата установа“, – велат од прилепската Болница.

  Напоредно со ваквите пионерски здравствени исчекори, во Болницата се комплетираат и лекарските тимови, а континуирано се обезбедуваат и современи апарати, во што досега се вложени преку 50 милиони денари, сопствени средства, како и голем е број на донации од општествено-одговорните компании.

Реклама

  „Значи, освен што вложуваме во апаратура, вложуваме и во човечки кадар. Можеби сегашноста не ни е розова, не ни е добра, меѓутоа со тие 30 доктори – имаме иднина. Со поддршка од Владата, од Министерството ние градиме иднина, за разлика од претходно како што Болницата ја затекнавме и финансиски, и со кадар, во незавидна состојба“, – изјави д-р Кире Јоноски, директор на Општа болница со проширена надлежност, Прилеп.(22.07.2025).

  Ваквата „реанимација“ на со години клинички мртвото здравство, е особено важна, бидејќи се случува во време кога прилепската болница се справува и со наследените големи финансиски скандали за што веќе неколку месеци во притвор се наоѓаат 6 лица. Против 19 лица има мерка за претпазливост, на 7 фирми од повеќе градови им е одредена забрана за учество при јавни набавки, а додека 9 други осомничени се гонат по скратена постапка. Сите тие се товарат за злоупотреби со јавни набавки, злоупотреба на службена положба и фалсификување и уништување деловни книги, со што предизвикале штета во вредност од околу 800.000 евра.