Со доделување на наградите за животно дело на тројцата доајени на македонското глумиште: Снежана Коневски-Руси, Соња Михајлова и Гоце Тодоровски и со прикажување на тетарската претстава „12“ во изведба на Драмски театар, синоќа во Прилеп по 59-ти пат се кренаа завесите на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Во преполната сала од ЦК „Марко Цепенков“, поклониците на Музите на Талија и вљубеници во театарската уметност, настанот го поздравија со громогласни аплаузи и френетични овации, што е и најискрениот доказ дека театарски Прилеп вистински живее за „својот Чернодрински“.
„За мене овој Фестивал е пред се’ празник и вреднување на театарската уметност и влогот во театарската уметност на театарските уметници, како дел од културниот идентитет на Македонија. И од таа причина, секако дека и оваа награда за животно дело ми значи дека сум оставила некаква трага и печат врз културната театарска уметност која е дел од културниот идентитет на Македонија“, – изјави Соња Михајлова, добитничка на награда за животно дело.

„Мислам дека се чувствувам горда, но без аплаузот на публиката, веројатно не ќе бев она што сум денеска. Можеби тие ме хранеле премногу за да можам да опстојам на сцената меѓу сите тие нови генерации и едноставно се чувствувам дека сум мост меѓу велемајсторите во МНТ“ – рече Снежана Коновски – Руси, добитничка на награда за животно дело.
„Јас пред да ја добијам оваа награда, во ’80-та година, на шега реков дека јас кога добив наградата на „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за најдобра машка улога во „Солунски патрдии“ – 1980 година, Чернодрински уште беше жив, така што јас пред 45 години бев тука лауреат и сега што се вика на „акшам“ што викаат Турците, на затворање на Ат-пазар, ми ја доделија, ама никогаш не е доцна, во секој случај сум многу среќен и задоволен“, – кажа Гоце Тодоровски, добитник На награда за животно дело.
Годинашното издание на Фестивалот кое ќе трае до 13-ти јуни, освен 14-те претстави, носи и многу новини, што за уметничката директорка е јасен сигнал дека Фестивалот забрзано расте и се развива во склад со новите времиња.
„Ја имаме Програмата „Драмолетење“ каде што ќе комуницираат авторите заедно со продуцентите и режисерите. Имаме детска зона, моето најсакано место за време на Фестивалот од 10 часот наутро до 12 часот кај Градскиот Саат, имаме многу разговори, го имаме „Прилеп во фокус“, – посочи проф. д-р Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“.
И прилепчани се среќни и задоволни што и годинава си го имаат својот Фестивал, а кој веќе шест децении е и значаен културен бренд на градот. А доказ за ова е фактот што се бара карта повеќе за сите претстави.
