Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, денеска потпиша договор за отпочнување на реализацијата на проект за реконструкција на административната зграда на општината, со цел спроведување мерки за енергетска ефикасност.
Проектот претставува дел од стратешките заложби на општината за создавање „зелен град“ и унапредување на грижата за животната средина.
-Со реконструкцијата се предвидува подобрување на енергетските перформанси на објектот, намалување на потрошувачката на енергија и создавање подобри услови за работа на административните служби, истакна Китански во својата објава на фејсбук.

Од општината посочуваат дека ваквите инвестиции се значаен чекор кон одржлив локален развој и подигнување на еколошката свест.
-Воедно со оваа активност ќе се придонесе и за намалување на трошоците за енергија и заштита на животната средина, велат од Општина Пехчево и најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со реализација на проекти насочени кон енергетска ефикасност, модернизација на јавната инфраструктура и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
