Во Македонска Каменица денеска успешно се реализираше еколошката акција „Викенд генералка“, во која активно учество зедоа граѓани, вработени во јавните институции и претставници од локалната самоуправа, со заедничка цел – создавање почиста и поуредена животна средина.
Акцијата, како што информираше градоначалничката Соња Стаменкова во својата објава на фејсбук, поминала во духот на солидарност, одговорност и висока еколошка свест.
-Учесниците со посветеност и добра волја дадоа значаен придонес во уредувањето на јавните површини низ градот. Ваквите иницијативи испраќаат силна порака за важноста на заедничката грижа за природата и животната средина – истакна Стаменкова.

Со денешната акција како што додаде таа Општината покажала дека кога сите се обединети, може да се направи вистинска разлика.
– Грижата за животната средина не е избор, туку обврска на сите нас. Секоја ваква иницијатива е чекор напред кон почиста, поубава и поодговорна заедница – изјави Стаменкова.
Таа упати благодарност до сите граѓани и институции кои се вклучија во акцијата, потенцирајќи дека нивниот ангажман е пример за заедништво и општествена одговорност.
Од локалната самоуправа најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со вакви активности, со цел подигнување на еколошката свест и создавање одржлива и здрава средина за сите граѓани.
