ВМРО-ДПМНЕ ја отвори вратата – партијата ќе поддржи анкетна комисија за најтешката трагедија што ја памети Македонија, пожарот во дискотеката „Пулс“. Но поддршката доаѓа со јасна порака: ако се бара одговорност – тогаш да се бара за сите трагедии во Македонија, без исклучок. Од ВМРО-ДПМНЕ појаснуваат дека болката на семејствата не смее да биде инструмент за политички поени. Затоа бараат анкетната комисија да го отвори и прашањата за модуларната болница, трагедијата со „Дурмо Турс“, нелиценцираните превозници и сите случаи за кои, како што велат, никој никогаш не одговарал.
„Но веќе кога разговараме за една таква тема за која ние исклучиво кажуваме дека е злоупотребена за некрофилско добивање на политички поени, треба ваквата анкетна комисија да биде проширена и за сите други трагедии за кои нема ни кривична, ни човечка, а камо ли политичка одговорност. Треба во Собранието да се постават прашања и за модуларната болница, да се постави прашањето како одредени превозници кои немале лиценци, а и покрај тоа 60тина пати ја поминувале државната граница, доведоа до тоа да изгорат живи луѓе. За Дурмо Турс и за сите оние трагедии кои го снајдоа овој народ. Така што, да, ние ќе поддржиме ваква анкетна комисија, но и ќе бараме да биде проширена за сите трагедии за кои што, за разлика од овој случај, нема ниту морална, ниту политичка, ниту кривична одговорност.“, изјави Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
Од другата страна, СДСМ најави дека пратениците на партијата и коалицијата ќе поднесат иницијатива за формирање анкетна комисија за „Пулс“. Претходеше протест во Скопје, на кој семејствата на загинатите побараа независна истрага.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека ваквата комисија е неопходна.
Димитар Апасиев од Левица, претседател на Постојаната анкетна комисија, најави дека следната недела ќе закаже посебна седница за трагедијата во Кочани. На седницата ќе се разгледува претставката од „Здружението 16-ти Март“, а ќе бидат поканети и претставници на родителите.
Анкетната комисија станува реалност – но останува прашањето: дали Собранието ќе има сила да ги отвори сите страници од минатото и конечно да ја испорача правдата што ја чекаат жртвите од сите трагедии во Македонија?
