Реклама

УЈП ги повика граѓаните кои имале заработка од странство во 2021 година да платат данок

Најнеизвесни избори во Србија, студентите против Вучиќ

Еколошки грабеж без крај: Јабланица опустошена од дрвокрадци и намерни пожари

Почна реконструкцијата на кровот на штипската Клиничка болница

Немири во Европа, Македонија засега безбедна: На одредени странски сили би им одговарало тука да има нестабилност

Свечена академија „Свои на своето“- Мицкоски: Ова е нашето време и наша одговорност, да изградиме Македонија во која вреди да се живее

Имунизација против грип: Вакцината е клучна за ранливите, но не е за секого

Акциски план за малцинствата пред Бугарите во Уставот – стратегија за заштита на националните интереси

Музејот во Ново Село – мост до минатото каде што историјата оживува

Македонската ослободителна мисла – идеали што создадоа држава

Над 120 амандмани – расправа за вториот ребаланс на буџетот

Мицкоски од Црна Гора: Нема да отстапиме од борбата за националните интереси, ниту од борбата да бидеме дел од ЕУ

Македонија

Трст, градот со 100 лица, раскошна архитектура и палати, но и град во кој кафето е како уметност на живеењето

Трст е еден од приморските градови на италијанскиот дел од брегот на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Трст е еден од приморските градови на италијанскиот дел од брегот на Јадранот  кој плени со својата раскошна убавина, богата историја, и прекрасна архитектура.

Градот е административен центар на истоимената покраина Трст воедно и главниот и најголем град во автономниот регион Фриули-Венеција Џулија.

Запознавањето на Трст во само два дена во средината од седмицата кога се случува вообичаената дневна рутина, и при ненаклонети временски услови е вистински предизвик. Едноставно те наведува фокусот да го ставиш барем на тие пет клучни точки што според препораката на секој туристички водич никако не смееш да ги одминеш, а што веројатно е доволно да се гребне по површувањата од тоа што го нуди оваа јадранска убавица.

Реклама
фото: МАГНИФИК

Историја на градот

Распослан на брегот на Јадранското Море на крајниот севереоисточен дел од Италија, просторот на кој што се наоѓа Трст бил населен уште од праистпријата, од 3000 година пред новата ера. Својот најголем процут го доживува за време на Хабсбурговците под чие владење е од крајот на 14 век, а во 18 век станува и најважното пристаништа за царска Виена кога започнала и неговата трансформација во современ град со космополитски белег привлекувајќи луѓе од сите делови на Хабсбуршката монархија. Токму заради ова богато хабсбуршко наследство Трст воопшто не наликува на италијански град, па затоа е познат и како „Виена покрај морето“. Официјално градот бил припоен на Италија по Првата светска војна во 1920 година. Трст е трајно врежан и во сеќавањата на неколку генерации млади од поранешната СФРЈ, како најпосакуваното место за шопинг во 60-тите, 70-тите се до почетокот на 80-те години од минатиот век, каде се одеше во набавка на кафе, плочи, книги, облека, но најмногу по фармерки.

Културно – историските споменици и архитектура

Архитектурата на Трст во старото градско јадро претставува богата мешавина од величественоста на хабсбуршката ера, неокласичната елеганција, стилот на Арт нуво и историски слоеви кои се протегаат од римскиот период до денес.

Врвот на раскошот и значењето Трст го постигнал под власта на Хабсбуршката монархија, почнувајќи од крајот на 14 век, за време која градот добил космополитски сјај. До 18 век, градот станува клучна порта за царска Виена – место каде што се преплетуваат култури, идеали и судбини на луѓе од сите краишта на хабсбуршката империја. Трст тогаш ја добива и својата визура на неповторлива архитектонска грандиозност во старото градско јадро со големи палати и величествени јавни плоштади. Од тој период потекнува и мултукултурноста и мултиетничноста на градот. Во него живееле Грци, Срби, Евреи, Ерменци.. Сите тие се населиле во Трст за времето на царицата Марија Терезија која (1751 г.) привлечени од многу поволните услови за трговија што таа ги вовела, како и слободата на вероисповед и право да организираат свои заедници. Денес Трст брои околу 228 000 жители, од кои 11,7 проценти се од друга националност. Од нив најмногу отпаѓа на Срби (30 отст), кои имаат и своја црква „Свети Спиридон“ изградена 1869 година, лоцирана на левиот брег од Големиот канал. Потоа следуваат Романци, Хрвати, Кинези, Албанци….

Плоштадот „Унита д’Италија“ (Piazza Unità d’Italia), кој е познат како најголемиот плоштад покрај море во Европа, е всушност срцето на Трст и едно од оние места што мора да се посетат за да се почувствува духот на градот. Опкружен со важни владини згради, како што се Градското собрание (Palazzo del Municipio) и Зградата на локалната влада (Palazzo del Governo), плоштадот е слика на хабсбуршкото архитектонско влијание и сведок на клучни историски настани. 

На средината на плоштадот, поточно пред зградата на општината се наоѓа „Фонтаната на четирите континенти“,  дело на Џовани Мазолени од среината на 18 век кое ја претставува поврзаноста на Трст со остатокот од светот, како град кој отсекогаш  бил и останал познат трговски центар.

Фото: принтскрин youtube

Прошетката на шеталиштето покрај брегот на кој директно излегува Пјаца „Унита д’Италија“  дава посебно задоволство. Погледот во морската синевина ве заведува, а мирисот на солта во воздухот ве опива и ги опушта сите ваши сетила како најскапоцен еликсир.

Но огромниот крузер закотвен во градското пристанише, секако е изненадување кое не го очекувате, барем не јас. Наспроти сите тие блескави градби фасцинантен е контрастот што го создава ппогледот кон тоа огромно железно чудовиште долго 250 метри, а широко 32 метри, кое може да прими 740 патници и неколку стотини персонал.

Пристаништето во Трст имено, е клучна точка за поаѓање и попатно застанување за крстаречки бродови на рутите низ Јадранското Море и Источен Медитеран. Пристаништето може истовремено да прими до два големи брода за крстарење, во зависност од нивната големината, а по потреба може да  се користат и дополнителни места за врзување за поголемите бродови.

Овие големи прекуокеански крузери пристапуваат директно долж крајбрежјето, и се практично на само неколку чекори пеш  оддалеченост од историското градско јадро и плоштадот „Унита д’Италија“ (Piazza Unità d’Italia).

Мора да се спомне дека Трст има и комерцијално пристаниште  кое се смета за најважното трговско пристаниште во Италија. Тоа опслужува околу 62 милиони тони товар и нуди пристап до длабоки води (до 18 метри), а  има и развиена железничка мрежа (70 км).

Големиот канал (Canale Grande di Trieste) 

Големиот канал е историски пловен канал изграден во 18-тиот век, кој се наоѓа во срцето на градот и од исклучително значење за неговиот трговски и културен живот. Бил изграден помеѓу  1754 и 1756 година од страна на венецијанскиот претприемач  Матео Пирона како дел од урбаниот развој на славната четврт „Борго Терезијано“ (Borgo Teresiano) која го носи името на тогашната владетелка, царицата  Марија Терезија. Со овој проект, поранешните солени мочуришта биле претворени во пловен воден пат, а по нејзинина наредба каналот бил проширен и изѕидан е насип што им овозможил на бродовите да стигнуваат до центарот на градот за утовар и истовар на стоката. Првично, каналот се протегал подалеку, до самата црква „Сан Антонио“, но неговиот краен дел бил затрупан во 1934 година за да се создаде плоштадот „Сан Антонио“.

На двете страни од Каналот се редат  историски градби кои го одразуваат трговското богатство на Трст.

Денес, Големиот канал со неколкуте моста преку него е популарна пешачка зона каде посетителите можат да уживаат во кафулињата, рестораните и културните знаменитости и во усидрените бродчиња – глетка што просто мами да ја овековечите со по некое селфи со вашиот мобилен телефон.

Тврдината и Катедралата Сан Џусто (Свети Јустин) 

Сан Џусто е главен светец и заштитник на Трст. Катедралата и тврдината кои го носат неговото име се наоѓаат на истоимениот рид кој доминира над градот и за кој локалните жители велат дека е срцето на историјата на Трст. Оттаму се пружа најубавиот поглед на градот и околината. Самата катедрала со едноставна и строга надворешност, внатре крие бесценети мозаици во византиски стил на златна позадина, кои вредат секаков напор да се стигне до нив.

Црквата настанала преку спојување на  две постари цркви под еден покрив – „Санта Марија“ и светилиштето „Сан Џусто“, па затоа, внатрешноста има дури пет кораби. На фасадата доминира голема розета изработена во камен.

Камбанарија некогаш била повисока, но во 1422 година во неа удрил гром, па била намалена до денешната висина. Нејзините пет ѕвона го сочинуваат вториот најголем комплет ѕвона во Фриули-Венеција Џулија, веднаш по оние во катедралата во Удине, а најголемото ѕвоно било излеано во 1829 година од бронзата на топовите што ги оставил Наполеон.

Дворецот Мирамаре

За љубителите на раскошни средновековни дворци, палатата Мирамаре изградена од бел истарски камен, со  градината што се простира на површина од близу 20 хектари од 19-тиот век е вистински бисер. Дизајнирани се за надвојводата Максимилијан Хабсбуршки од страна на Карл Јункер и Антонио Јелинек. Надвојводата престојувал во замокот сè додека не заминал да стане цар на Мексико. Следниот негов станар бил војводата Амедео од Савоја, во чие време замокот станал седиште на разни воени команди.

фото: Магнифик

Во 1955 година, замокот бил претворен во музеј и во него сè уште се наоѓа оригиналниот мебел нарачан од Максимилијан. Денес замокот со својот парк и историја лоциран на самиот брег на Јадранот е вистински магнет за туристите. Од пред неколку години паркот е и сцена на отворено на фестивалот „Il Rossetti a Miramare“, нудејќи уникатно културно доживување во еден од најволшебните амбиенти во Италија.

Древниот римски театар  

Древниот римски театар е изграден во првиот век пред новата ера. Се наоѓа во подножјето на ридот Сан Џусто и во своето време бил средиште на забавата и општествениот живот. Денес тој е најимпресивниот археолошки локалитет во Трст и задолжителна дестинација за вљубениците во античката историја.

фото: Пекселс

Кафето како уметност на живеењето

Вистинската душа на Трст, велат, се открива во бројните мали кафетерии на плоштадите, каде утрото започнува со мирис на автентично италијанско кафе и чија арома ги буди сетилата. Кафето тука не е брзина, туку уметност на уживање, разговор и создавање трајни спомени. Оваа култура длабоко вкоренета во традицијата и занаетчиството, со силен акцент на квалитетот и вкусот, на Трст му го носи епитетот престолнина на кафето. А цената зависи од локацијата на кафулето и состојките и сложеноста на подготовка на кафето.

Кратко еспресо или како што велат шот еспресо обично чини околу 1,10–1,50 евра ако се пие на шанкот, додека цената за на маса може да биде 5–9 евра. Капучино се движи меѓу 1,50 и 2,50 евра, специјалните кафиња како прелиено или ароматизирано лате може да чинат од 3 до 5 евра.

Без разлика дали сте расположени за класично еспресо, пенесто капучино, лате макијато или подготвено од специјални мешавини од  кафе од повеќе делови на светот, Трст има што да понуди за секој љубител на кафе, во многуте кафеа и ресторани.

Меѓу најстарите и едни од најпопуларните кафулиња се Сан Марко и Томасео.

Кафе Сан Марко (Caffè San Marco) е историско кафуле познато како сврталиште на книжевници и интелектуалци со безвременска атмосфера. Пиењето кафе тука е вистинско искуство. Почнало со работа 1914 година и за него се вели дека е сведок на сите позначајни настани од тој период во градот, во Италија и Евопа. Има  мошне пријатен  амбиент со убаво уреден простор за престој, тераса на отворено и катчиња со библиотека. Кафулето дизајнирано во арт нуво стил го задржало недопрен својот шарм со масите, столовите, висечките лустери, како и ѕидните декорации и огледала кои до денес останале непроменети. Тука може да ги најдете сите билтени за културната понуда на градот, театри, кина, изложби, музеи, промоции… Со чаша квалитетно вино од богатата винска листа на домашни и вина од соседството, за која ќе платите меѓу 5 или 8 евра може да изберете некоја од огромониот број книги што ги нуди библиотеката во кафулето или да пролистатите од дневните весници. Во ресторанот пак можете да уживате во одлични јадења, фокусирани на сезонска храна и одржливост на понудата.

Кафе и ресторан „Томасео“ (Caffè Tommaseo) е востановен од 1830 година, и се смета за првото кафуле отворено во Трст. Ова елегантно и префинето кафуле со богата речиси 200-годишна историја, нуди разновидни коктели, колачи во виенски стил, разни морски специјалитети, пица и тестенини и секако кафе. Така специјалитетот на куќата „Море на чинија“, чини 26 евра. Има богата и разновидна винска карта со впечатливо лого „Сакај многу, смеј се многу, пиј добро“ кое сведочи за посебниот пиетет кон храната и виното. Од слатките делиции може да се почестите со Тирамису – слатка композиција за што ќе треба да издвоите 15 евра. 

Кога се мисли кафе, се мисли сериозно, се мисли и на бизнис. Имено во Трст секоја година во октомври месец почнувајќи од 2002-ра година се одржува Трст Еспресо Експо каде во само три дена, професионалци од индустријата од над 50 земји се среќаваат со претставници од целиот синџир на снабдување: од зелено кафе до пржење, и од технологии до услужни решенија, нудејќи можности за бизнис зделки и поглед во новите трендови во индустријата на кафе.

Патем, кафето во Европа првпат го донеле венецијанските трговци во 1615 година, а од Венеција потоа  се проширило низ цела Европа, за денес да стане една од најважните  стоки во светската трговија. 

Зошто Трст?

Градот покрај Јадран има и свои 1000 лица. Па така денот може да почне мирно, со пријатна температура и за многу кусо време да надојдат тешки облаци, да го покријат сонцето. Тоа е највообичаено за почетокот од есента кога  за неколку часа може да покаже повеќе свои непријатни лица, отколку што би сакале да ги запознаете. Но после кусите бури, растуранањето на облаците и стишувањето на ветрот, морето е повторно мирно, па се чини како ништо да не било. Само наводенетите маси од  кафулињата,  поплавените плоштади  и улици уште некој час – два ќе потсетуваат на тоа се додека градската мрежа не ја повлече целосно вишокот вода во себе.

Ако порано бил избор на космополитите, центар на забавата и економски центар, зошто денес би го избрале Трст? Веројатно токму  поради спротивните обележја кои би можеле да му се припишат на град кој ги минал своите најдобри години, и не е на врвот на листата на посакувани дестинации на светските патници, но е идеална дестинација за оние кои бараат елеганција, пријатна атмосфера, далеку од вревата на најпопуларните туристички места во Италија.

Зошто Трст?. Токму поради таа негова елеганција на стар европски град што зрачи со хармонија, спокој и самодоволност. Трст е неоткриеното богатство за оние кои бараат поинакви авантури, за патниците кои сакаат да го почувствуваат  мирниот, но длабоко културен живот. Град кој се чини како да нема потреба да посега по  најневозможни модни тенденции, туку со достоинство ја раскажува својата приказна.

Велат не постои втора можност за прв впечаток, но тоа секако не важи за градовите, и не за Трст кој верувам крие многу приказни и катчиња што чекаат да бидат истражени.