Директорот на Царинска управа Бобан Николовски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, и директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, учествуваа на годишната конференција на Меѓународната асоцијација на полициски шефови (IACP 2026), која се одржува во Орландо, Флорида.
Нивното учество, како што соопшти Царинската управа, е на покана на Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), во рамки на Кривичниот Оддел при Министерството за правда на САД.

Од Царината посочуваат дека поканата за учество на еден од најголемите и највлијателните годишни настани во областа на спроведување на законот, претставува признание за остварените резултати на Царинската управа во успешно гонење на криминалот.
– Тоа се огледа во фактот што, во периодот од јули 2024 до денес, Царинската управа поднесе 422 кривични пријави до надлежните јавни обвинителства. Преку вмрежување со органите за спроведување на законот на светско ниво, се овозможува значително зајакнување на капацитетите за борба против организираниот криминал – нагласуваат од Царинската управа.
На свеченото отварање на Генералното собрание, во поздравното обраќање на Директорот на IACP, како што информираа од Управата за финансисак полиција, биле потенцирани клучните прашања кои ја дефинираат работата на безбедносните органи, преку глобалното вмрежување, интероперабилност и зајакнување на капацитетите,во насока на професионално и ефикасно спроведување на законите на светско ниво, во борба против организираниот криминал.
Конференцијата, се вели во соопштението од Царинската управа, претставува одлична можност за запознавање со најновите технологии и иновации во областа на откривањето и сузбивањето на криминалот. На настанот учествуваат повеќе од 600 изложувачи кои ги претставуваат најновите технолошки решенија, овозможувајќи директен увид во современите алатки и практики за спроведување на законот.

Од Царинската управа, исто така, потсетуваат дека минатиот месец со поддршка и донација од Министерството за правда на САД, на три гранични премини, беше воведен систем за телесни камери, чија примена во оперативното работење се очекува да резултира со зголемена ефикасност во спречување на нелегална трговија.
– Продолжуваме да ја зајакнуваме соработката на национално и меѓународно ниво, со цел поефикасна борба против организираниот криминал и заштита на границите – нагласуваат од Царинската управа.
Од Управата за финансиска полиција, информираат дека од особено значење за нашата држава е презентирањето на нови технологии и иновации во областа на откривање и сузбивање на финансискиот и целокупниот криминал воопшто.
-Како институција, каде акцентот на дејствување е ставен на предистражната постапка, конференцијата претставува одлична можност за директен увид во современите технолошки алатки и практики за спроведување на законот, кои во споменатата фаза на дејствување, значително би го олесниле работењето на Управата. Учеството на една од највлијателните годишни конференции од ваков тип, дополнително ја потврдува потребата нашата држава да биде дел од глобалната безбедносна политика. Потребата од професионален и детален пристап, навремена размена на информации, заедничка стратегија и координирани истраги за потенцијалните сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата – се вели во соопштение од Управата за финансиска полиција.
Од Управата за финансиска полиција посочуваат дека пораката од САД останува јасна: безбедноста и националните интереси на државата продолжуваат да бидат приоритет, преку доследна примена на законите кон сите современи предизвици.

