Еколошките предизвици со кои се соочуваат земјите не застануваат на националните граници, потребен е регионален пристап за надминување на предизвиците. Тоа беше заклучокот на тркалезната маса „Интегрирано управување со шумите на Западен Балкан: Научени лекции, предизвици и насоки за иднината“ што денеска се одржува во Струга, во рамките на проектот „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“.
Проектот го реализита ЦНВП Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, во партнерство со ICEP – Здружение за глобален развој, со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој (ADA), во рамките на програмата „International Partnerships Austria“.

Директорот на ЦНВП Македонија, Нехат Рамадани информира дека активностите опфаќаат пошумување и природна обнова на деградирани земјишта, мерки за контрола на ерозијата на почвата, селективно проредување и трансформација на шумите за поголема климатска отпорност, како и применети истражувања, обуки и размена на знаења меѓу шумарските институции, стручните лица, универзитетите, сопствениците на шуми и локалните заедници.
– Реката Дрим ги поврзува нашите земји, нашите заедници и нашите екосистеми. Она што се случува во еден дел од ова подрачје неизбежно влијае и врз останатите. Затоа, заштитата на шумите, биодиверзитетот и природните ресурси не е само национален приоритет, туку и заедничка регионална обврска – нагласи Рамадани.
Шумите во сливот на реката Дрим за Давид Мукенхубер од Австриската агенција за развој, претставуваат многу повеќе од обичен природен ресурс. Тие придонесуваат за зачувување на биолошката разновидност, зајакнување на климатската отпорност и обезбедување сигурност во снабдувањето со вода. Зачувување на природата, управувањето со шуми и секторот шумарство, според него, е многу важен.

Проектот, заклучи тој, е сеопфатен, не се работи само на засадување садници, туку и за економски развој, придобивки за локалните заедници да не зависат директно само од производите или од граѓата што ја нудат шумите, како и за поврзување на сите чинители на локално ниво и сите засегнати страни.
– Шумите во овој регион се под различни притисоци. Еден од нив се климатските промени, кои носат намалување на дождовите, водите и водостоите, а тоа води до суши. Проблеми се и дивосечата и дивопашата. Тоа се фактори кои се предизвик во управувањето со шумските богатства – истакна Мукенхубер.
Поддршката кон Македонија, но и за земјите од регионот, нагласи, е насочена кон патот за европска интеграција.
– Така што ако земјата продолжи да се движи по тој европски пат за членство во Европската Унија, тоа само по себе си отвора нови можности за финансирање во овој сектор, меѓутоа и други можности и механизми за зачувување на животната средина. Но, на крајот на краиштата успехот зависи од секој еден поединец како што сме ние, односно што правиме, како постапуваме, колку го живееме нашиот живот и дали придонесуваме нешто за заштита на животната средина – нагласи Мукенхубер.
Состојбата со шумските богатства во Македонија, но и во земјите во Западен Балкан, според Даниел Богнер, експерт од областа на заштитата на природата, е многу слична од две причини.

– Прво со најголемиот дел од шумските богатства стопанисуваат државни претпријатија, а помал дел се во приватна сопственост. Проблемот кај државните претпријатија што стопанисуваат со шумите е што немаат капацитети за да обезбедат одржливост во иднина, поради незадоволителна кадровска екипираност или немање доволно материјално-технички средства. Предизвиците со кои се соочуваат приватните сопственици на шуми е што не се доволно едуцирани, немаат доволно поминати обуки ниту вештини за оджрливост на стопанисувањето со шумите. И за крај, но, не и помалку важно е неконтролирани, односно незаконски активности и значителни притисисоци врз шумите – вели Богнер.
Според него, незаконската сеча на шумите предизвикува штета не само на дрната маса, туку и на почвата, што потоа доведува до ерозија на земјиштето.
– Тоа е поврзан систем, доколку некој на незаконски начин се занимава со дрвосеча, без соодветна документација, соодветни дозволи, механизми за планирање и управување, тоа предизвикува штета не само на самата дрвна маса, туку и на почвата, што потоа доведува до ерозија на земјиштето – истакна Богнер.

На средбата во Струга учествуваат регионални експерти, претставници на владините институции, шумарските институции, општините, академската заедница, граѓанското општество, развојните партнери и бизнисите поврзани со шумарството од Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија.

