Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Јапонија одржа средба со амбасадорката на Јапонија во земјава, Сецуко Кавахара, на која биле разгледани билатералните односи, досегашната соработка и можностите за нејзино натамошно унапредување.

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, покрај претседателот на Групата, Сашо Донев, учествувале и пратениците Пеце Милевски, Саранда Имери Стафаи и Весна Ѓорѓиева.
Претседателот на Групата, Сашо Донев, нагласил дека нашата земја е отворена за продлабочување на соработката со Јапонија, особено на економски план, каде што постојат значителни можности за нови инвестиции и зајакнување на деловните врски. Во таа насока, амбасадорката Кавахара го истакнала зголемениот интерес на јапонската бизнис-заедница за соработка со земјите од Западен Балкан.
Амбасадорката Кавахара во однос на безбедноста и меѓународната политика посочила дека двете земји делат заеднички вредности, меѓу кои владеење на правото, демократијата и човековите права, како и соработката со земјите членки на НАТО и стратешкото партнерство со САД.
Соговорниците ја истакнале досегашната успешна соработка и континуираната поддршка што Јапонија ѝ ја обезбедува на нашата држава, особено во областите на образованието, здравството и локалниот развој, преку проекти за техничка соработка, грантови и донации, како и преку програмите на JICA и JETRO.

Амбасадорката ја потврдила подготвеноста за отворен дијалог, размена на идеи и иницијативи што ќе придонесат за натамошно унапредување на билатералните односи.
На средбата бил изразен заемен интерес за размена на искуства и продлабочување на соработката во повеќе области, особено во развојот на човечките ресурси, јакнењето на институционалните капацитети, студиските размени и спортот.
Соговорниците се согласиле дека културата има особено значајна улога како мост за поврзување на народите, поттикнување на меѓусебното разбирање и зацврстување на пријателските односи меѓу двете држави.

